Путин ја предупредува ЕУ да не го саботира руско-американскот приближување

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ги предупреди „западните елити“ да не се обидуваат да го саботираат потенцијалното приближување меѓу Русија и Соединетите држави, велејќи дека Москва ќе ги искористи своите дипломатски и разузнавачки служби за да ги спречи таквите напори.

Обраќајќи ѝ се на руската разузнавачка служба Федералната служба за безбедност (ФСБ), Путин рече дека е задоволен од начинот на кој напредува обидот за подобрување на односите меѓу Москва и Вашингтон, иако тој сè уште е во зародиш.

„Забележувам дека првите контакти со новата американска администрација раѓаат одредени надежи. Постои заемна волја да се работи на обновување на меѓувладините врски и постепено решавање на огромниот број системски и стратешки проблеми кои се акумулирани во светската безбедносна архитектура“, рече Путин.

Го поздрави фактот што сегашните „партнери“ на Русија покажуваат, како што рече, прагматизам и реализам и ги напуштаат „идеолошките клишеа“ на нивните претходници, кои според него предизвикаа криза во меѓународните односи, што јасно се однесува на администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден.

Но, Путин рече дека е јасно дека не сите земји ја поддржуваат идејата за затоплување на односите меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот.

„Разбираме дека не сите се задоволни од продолжувањето на руско-американските контакти. Некои западни елити сѐ уште се решени да ја одржат нестабилноста во светот и овие сили ќе се обидат да го нарушат или загрозат дијалогот што започна“, рече Путин.

„Мораме да бидеме свесни за ова и да ги искористиме сите можности во однос на дипломатијата и нашите разузнавачки служби за да ги попречиме таквите обиди“, нагласи Путин без да прецизира на што се однесува неговата порака.

Според оцените на западните медиуми, се чини дека неговите коментари особени се насочени кон Европската унија и Обединетото Кралство, кои изразија загриженост за можноста од руско-американски разговори за ставање крај на војната во Украина, кои не би ги имале Киев и Европската унија на преговарачка маса и би биле премногу попустливи кон Москва.

Путин, кој рече дека сè уште се надева дека ќе биде можно да се создаде, како што рече, побалансиран европски и глобален безбедносен систем, рече дека верува оти Западот е во сериозна криза.

„Јас и вие го гледаме тоа. Тие започнаа да го уништуваат западното општество однатре. Доказ за тоа се проблемите во економиите на многу западни земји и во нивните внатрешни политики“, им рече Путин на шефовите на службата за внатрешна безбеност ФСБ.

Предупредувањето на Путин дојде откако во понеделникот, на тригодишнината од почетокот на руската инвазија во Украина, двајца проукраински француски активисти изведоа терористички напад со запаливи смеси врз рускиот конзулат во Марсеј.

Руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) минатата седмица предупреди дека украинската влада би можела да прибегне кон терористички напади врз дипломатските претставништва на Москва во Европа во обид да ги попречи мировните преговори започнати со САД пред две седмици во саудиски Ријад. Службата сугерираше дека целта ќе биде да се спречи Киев да мора да направи „прекумерни отстапки“ во потенцијалното мировно решение со Русија.

Исто така, беше предупредено дека украинските оперативци помогнати од западните разузнавачки служби би можеле да се обидат да ги попречат разговорите меѓу Русија и САД со напад на амбасадите на Москва во земји како Германија, Унгарија и Словачка, како и балтичките држави и нордиските земји.