Лицемери

Лицемерно денес го бранат слободниот говор оние што беа тивки кога власта се обиде да не’ врати во темното време кога вербалниот деликт ги праќаше луѓето на Голи оток, кога медиумското и политичко едноумие им го одзеде последниот здив на критичко размислување на луѓето и направи голем празен простор во нивните умови за безобѕирен консумеризам и евтина забавна медиумска храна. Не така одамна си ја наѓубривме демократијата со ментални слуги во медиумската сфера, создавајќи, со текот на времето, модерни инвизитори на слободната мисла и говор.

Знаете што е проклетството на Македонија? Сеќавањето. Сеќавањето е тоа што ги кодира, складира и враќа информациите добиени од наследените и живите искуства. Сеќавањето ни дава пристап до нашето минато, не’ информира за сегашноста и ја предвидува иднината. Меѓутоа, ако не сме внимателни, тоа исто така може да дезинформира, да не’ контролира и беспомошно да се меша во нашите животи. Можеме да го промениме нашето сеќавање и безнадежно да се убедиме дека работите некогаш биле подобри, создавајќи некој фантастичен идеал, сеќавање што го сакаме, а не она што всушност го имаме. А, имаме сеќавање за темен среден век на слободниот говор. Имаме сеќавање за медиуми, политика и политичари што ја еутанизирaа слободата на говор во име на повредени суети и непријатна вистината. Имаме сеќавање за повикување на институционален линч за изразено мислење и став на секој оној кој зборуваше и размилуваше различно од етаблираната политичка и медиумска селска квази елита во државава. Да, премногу свежо е сеќавањето за држава каде слободата на говор не беше третирана како темел на кој почива нашата демократија. За држава во која слободниот говор беше претворен во маскенбал на власта и нејзиниото поимање на демократијата. Тоа е нашето проклетство на сеќавањето што го имаме за едно неодамнешно време кога со оган и меч се бранеа симболите на едниот историски тоталитаризам, а на другиот му се прогледуваше низ прсти.

Денес ги гледам во одбрана на слободниот говор оние што што во годините на претходната власт го премолчеа срамот на пресудите за „вербалниот“ деликт и повикувањата на полициски распит за слободно изразена мисла и став. Лицемерно денес го бранат слободниот говор оние што беа тивки кога власта се обиде да не’ врати во темното време кога вербалниот деликт ги праќаше луѓето на Голи оток, кога медиумското и политичко едноумие им го одзеде последниот здив на критичко размислување на луѓето и направи голем празен простор во нивните умови за безобѕирен консумеризам и евтина забавна медиумска храна. Не така одамна си ја наѓубривме демократијата со ментални слуги во медиумската сфера, создавајќи, со текот на времето, модерни инвизитори на слободната мисла и говор. Тогаш тие молчеа, а богами, се сеќавам како молчеа кога новинарот Богдан Илиевски требаше да биде санкциониран, не само за некаков апстрактен говор на омраза, туку и поттикнување на говор на омраза. Тогаш љубеа цензура на слободната мисла и говор, дури и кога нивниот финансиски ментор од САД сметаше дека: „најдобриот противотров за навредливиот и говорот на омраза е конструктивниот дијалог кој се спротивставува и одговара на таквиот говор со негово побивање преку принципиелни аргументи, предизвикувајќи говорот на омраза да падне под сопствената тежина“.

За разлика од нив и тогаш и денес тврдам и стојам зад тоа дека ограничувањето на слободата на изразување со забрана на навредлив и говор на омраза е погрешен и опасен потфат. Затоа подобро е да се осигураме дека патиштата на изразување остануваат отворени со цел да се разоткрие, спротистави и да се удави говорот на омраза на пазарот на идеи. Забраната на говор поради неговата содржина и гледиште, не само што ја жртвува слободата на изразување и нејзините придобивки, туку ја принудува идеологијата на омраза да загнои и да најде нови форуми во кои ќе се манифестира. Покажувањето страв од идеи со омраза подразбира дека тие се моќни; исмевањето и побивањето ги прави помалку привлечни. Нашите новинарски иквизитори на слободниот говор градеа срамна историја на слободата на говор во случајот со Богдан Илиевски, за денес да се обидат да играат на картата на заборавот за еден друг новинар. Затоа не очекувам од вакви лицемери да бараат повеќе слобода, зашто беа и останаа обични ментални слуги кои успеаја да ја загнојат македонската демократија и како чумата во средниот век да ја заразат слободата.

Секако дека ќе застанам зад правото на слободен говор и на оние кои до недамна осудуваа, цензурираа и институционално линчуваа за говор и идеи кои не беа на линија со нивното поимање на слободата во општеството. Ќе застанам зашто сакам Волтер повторно да заживее во Македонија, зашто не го сакам релативизирањето на неговата позната максима дека: „можеби не се согласувам со она што имате да го кажете, но до смрт ќе го бранам вашето право да го кажете тоа“, како и неговата констатација дека: „правото на слободен говор е поважно од содржината на таквиот говор“. Да, верувам дека зборовите се важни, затоа не можам да го заштитам слободниот говор со негирање на неговата моќ, зашто тоа е белег на нашата демократија. Но, да бидам јасен, нема да застанам зад лицемерието на оние што до неодамна не се чувствуваа загрозени од недостатокот на слобода на говор и го игнорираа ризикот од манипулации со медиумите и информациите што ги дисеменираа, обидувајќи се да контролираат кои информации и идеи може да циркулираат во јавниот дискурс во Македонија. Не можам и не сакам да застанам зад оние лицемери што се навредуваат од  вистината. И, секако, не можам да барам од дегенерирани умови да го разберат ова, посебно ова да го барам од оние што во годините на претходната власт, а богами и порано од неа, го менаџираа молкот и еутаназираа слободнат мисла и говор. Некогаш овие лицемери парадираа со максимата: Доста е!? Точно, доста ми е од лицемери на слободната мисла  во Македонија.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес