Волц: Белата куќа ги поздравува европските напори за постигнување мир во Украина

Белата куќа ги поздравува напорите предводени од Европа за ставање крај на војната во Украина, изјави денеска американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц.

-Ги поздравуваме Европејците кои го преземаат водството во европската безбедност. Тие, исто така, мора да инвестираат во способностите за да го сторат тоа, а сето тоа беше очигледно и соопштено на Украинците неколку пати пред петокот, изјави Волц во Белата куќа, еден ден откако британскиот премиер Кир Стармер ги претстави новите напори на европската коалиција за обезбедување мир меѓу Русија и Украина.

Тој рече дека беше очигледно уште пред украинскиот претседател Володимир Зеленски да ја посети Белата куќа минатата недела дека Европа планира да го зголеми својот придонес за безбедноста на Украина.

Според него, тимот на американскиот претседател Доналд Трамп не разбира зошто Зеленски се однесувал како оваа позиција да му е нова кога тој во петокот ја посети Белата куќа за да потпише договор за ретки минерали.

-Тој тогаш можеше да си замине со економска гаранција што ќе беше од корист за Украина и, мислам, за целиот свет. Така што навистина не збунува зошто имавме таков конфликт, рече Волц.

Во интервју за Фокс њуз, Волц, исто така, изрази сомнеж дека Зеленски е „некој со кој американската администрација ќе може да се носи во иднината“, во насока на завршување на конфликтот во Украина.

За него вербалната пресметка во Овалната соба во петокот меѓу Зеленски и Трамп беше „навистина смешна и неприфатлива епизода“.