
Кинескиот извоз се зголемил само малку во јануари и февруари, додека увозот остро паднал, покажаа во петокот објавените царински податоци, како одраз на влијанието на зголемените трговски тензии со САД и Европската унија.
Извозот во јануари и февруари е за само 2,3 отсто поголем во однос на истиот период лани, соопшти Царинската управа. Во декември скокна за 10,7 отсто.
Увозот во првите два месеца од годинава е за 8,4 отсто помал од почетокот на 2024 година. Во декември се зголеми за еден процент.
Царинската управа ги консолидира податоците за јануари и февруари за да ги израмни значителните флуктуации поврзани со повеќедневните лунарни новогодишни празници.
Трговските односи меѓу САД и Кина се влошија на почетокот на годината, бидејќи новиот американски претседател Доналд Трамп сигнализираше продолжување на американската политика за ограничување на увозот на стоки од азискиот гигант. ЕУ, исто така, значително го ограничи увозот од Кина и отвори серија истраги за понудите на кинеските компании на јавни тендери.
Пекинг возврати со давачки за увозот на некои прехранбени производи од ЕУ, а исто така воведе царини од 10 до 15 отсто за американските земјоделски производи.
Кинеските пратеници истовремено одлучија да го префрлат фокусот на економијата оваа година од надворешната трговија на, како што рече премиерот Ли Кианг, „недоволна“ и „слаба“ домашна потрошувачка.
„Сè покомплексното надворешно опкружување и зголемениот унилатерализам и протекционизам може да имаат силно влијание врз кинеската трговија“, рече Ли во средата, нагласувајќи дека Кина мора итно да го промени својот модел на економски раст, кој во моментов главно се потпира на производството и трговијата.
Неговата оценка се совпадна со онаа на американскиот министер за финансии Скот Бесент, кој во разговор со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг на крајот на февруари, го повика Пекинг да го промени фокусот на економијата. Кина премногу се потпира на извозот, истакна Бесент во неколку наврати.
Активноста во кинеската индустрија се стабилизираше во февруари, покажаа официјалните податоци на PMI, по јануарскиот пад погоден од лунарните новогодишни празници.
globe