
„Мики 17“, новиот филм на јужнокорејскиот режисер Бонг Џун-хо, кој го освои Оскар за најдобар филм со „Паразит“ во 2020 година, е водечки во северноамериканскиот бокс офис овој викенд, според проценките објавени во неделата од специјализираната фирма Exhibitor Relations.
Во својот премиерен викенд во Канада и САД, научно-фантастичната комедија „Мики 17“, заработил 19,1 милиони долари приход, според Exhibitor Relations.
Сепак, за неговите продуценти, тоа сè уште не е голема причина за славење со оглед на тоа што филмот чинел 118 милиони долари .
Со британскиот актер Роберт Патинсон во главната улога, „Мики 17“ портретира млад волонтер кој учествува во футуристичка програма за клонирање.
Заснован на романот „Мики7“ од Едвард Ештон, филмот го наоѓа поранешниот слаткар Мики Барнс, кој го игра Роберт Патинсон, во необична неволја бидејќи мора да умре за да заработи за живот. Во мисија да колонизира далечна планета, Мики мора да умре и да се врати во живот, секој пат како нова верзија од себе.
Бонг влезе во историјата на Оскарите во 2020 година кога „Паразит“, мрачна социјална сатира за јазот меѓу богатите и сиромашните во модерен Сеул, стана првиот филм од неанглиско говорно подрачје кој ја освоил наградата за најдобар филм, највисокото признание во филмската индустрија. Доби вкупно четири Оскари, вклучително и за најдобра режија и оригинално сценарио.
Втор на бокс-офисот овој викенд беше блокбастерот на Марвел „Капетан Америка: Храбар нов свет“, кој заработил 8,5 милиони долари во текот на викендот, или вкупно 176,6 милиони долари за четири семици.
На третото место е трилерот „Последниот здив“ со Вуди Харелсон во главната улога со заработка од 4,2 милиони долари.