ВИДЕО| Голем пожар по судир на танкер и товарен брод крај северна Англија

Голем пожар избувна откако танкер и товарен брод се судрија во близина на североисточниот брег на Англија, по што беа испратени авиони, хеликоптер и чамци за спасување на местото на настанот, објави Агенцијата за поморска и крајбрежна стража.

Извори од поморската индустрија соопштија дека се судриле хемискиот танкер „Immaculate“ во сопственост на компанијата „Stena“ а управуван од американската компанија „Crowley“ и товарниот брод „Solong“.

Снимката на британскиот радиодивузер BBC покажува дека најмалку еден брод е зафатен од пламен и огромни облаци од црн чад се издигнуваат од нив.

Агенцијата за крајбрежна стража соопшти дека на помош биле повикани хеликоптер, друг авион и чамци за спасување, како и сите бродови со противпожарна опрема што се нашле во близина.

Кралскиот национален спасувачки институт ја објави следната вест: „Имаме информации дека неколку луѓе ги напуштиле двата брода по судирот и дека избувнале пожари на двата брода“.

Делот каде што се случи судирот е многу фреквентна бродска рута од пристаништата долж североисточниот брег на Британија до Холандија и Германија, велат извори од поморската индустрија.

Веб-страницата за поморска аналитика Marine Traffic покажува бројни бродови, вклучувајќи товарни бродови и танкери за нафта, во делот на Северното Море каде што се случи судирот.

Поморската агенција на Обединетите нации, Меѓународната поморска организација, е известена за ситуацијата и истражува што точно се случува, објави агенцијата.

Инцидентот, кој се уште трае, бил пријавен во 10 часот и 48 минути.