ВИДЕО| Путин допатува во регионот Курск, го слушна извештајот на Генералштабот

Во текот на состанокот во командното место на групата војници Курск, руската погранична област во која минатата есен изненадувачки продреа украинските сили кои последните денови ги изгубија своите позиции на околу 1.400 квадратни километри и се повлекуваат кон Украина, рускиот претседател Владимир Путин во средата ја објави потребата да се размисли за создавање безбедносна зона долж државната граница.

„Нашата задача во блиска иднина е целосно да ја ослободиме територијата на регионот Курск. Враќање на состојбата долж линијата на државната граница. И, се разбира, во иднина треба да размислуваме за создавање безбедносна зона до државната граница“, истакна рускиот челник.

Путин истакна дека очекува руската армија да ги исполни сите задачи кои ѝ претстојат и дека територијата на Курската област во блиска иднина целосно ќе биде ослободена од непријателот.

Рускиот претседател рече дека Русија треба да ги третира заробените украински војници во регионот Курск како терористи, откако изминатите денови Москва лиферуваше сведочења од цивили и заробени украински војници и странски платеници во кои се зборува дека едноставно биле стрелани мирни жители на областа.

„Луѓето кои се во регионот Курск, кои вршат злосторства против цивилите овде, кои се спротивставуваат на нашите вооружени сили, агенциите за спроведување на законот и специјалните служби (…) се луѓе со кои дефинитивно треба да се однесуваме како кон терористи“, рече Путин додавајќи дека Русија нема намера да ги прошири Женевските конвенции (за правата на воените заробеници) на странските платеници кои се борат на страната на Украина.

Началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, армискиот генерал Валериј Герасимов, му рапортирал на Путин дека трупите на Вооружените сили на Украина во областа Курск „се опколени и систематски се уништуваат“.

Тоа е во спротивност со тврдењето на врховниот командант на украинската армија Александар Сирски, кој тврди дека неговите сили не се опколени и изведуваат тактичко повлекување кон соседната украинска Сумска, во која инаку руските сили продреа на почетокот од март, првпат од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.

Според онлајн мапата на бојното поле од вторникот на украинската организација Deep State, украинските сили го напуштиле градот Суџа во областа Курск, каде Москва изминатите денови почна офанзива.

Според Герасимов, руските вооружени сили веќе ослободиле повеќе од 1.100 квадратни километритериторија во пограничната област Курск. Герасимов, исто така, истакна дека плановите на Киев во регионот Курск пропаднале.
Герасимов во средата му рапортираше на Путин дека единиците на борбената групација Север „ја продолжуваат операцијата за уништување на непријателот“ на територијата на Курската област и оти „во моментов се ослободени 86 отсто од територијата на Курската област, која беше окупирана од вооружените сили на Украина“.

Украинските вооружени сили загубиле повеќе од 68.000 луѓе и над 7.000 единици воена опрема.

„Групата вооружени сили на Украина е изолирана. Во моментов во тек е нејзоно систематско уништување. Во некои области руските единици ја преминаа државната граница и влегоа во регионот Суми“, посочи Герасимов.

Ненадејниот украински продор и заземање дел од руската територија во август минатата година, прва инвазија на територијата на Русија по нападот на нацистичка Германија во 1941 година, треаше да го подигне моралот на украинските сили и да им зададе срамен удар на рускиот претседател Владимир Путин и неговите команданти.

Меѓутоа, ништо не се оствари и Москва започна со систематско уништување на најдобро обучените и најдобро опремени украински единици испратени во Курск, чии загуби се изразуваат досега во повеќе десетиции илјади загинати и стотици унишитени тешко оклопни борбени возила, вклучително и западните тенкови.