
Соединетите држави и Израел контактирале со официјални лица од неколку источноафрикански земји со цел да ја искористат нивната територија за преселување на Палестинците од Газа, објави во петокот агенцијата Associated Press (AP), повикувајќи се на американски и израелски официјални лица како извори.
Официјални лица во Судан, Сомалија и отцепениот регион Сомалиленд биле контактирани за предлогот, наведува АР.
Суданските власти рекле дека предлогот е отфрлен, додека оние од Сомалија и Сомалиленд рекле дека не знаат за какви и да се контакти по споменатото прашање, додава агенцијата.
На почетокот на март, арапските лидери усвоија египетски план за реконструкција за Газа, вреден 53 милијарди долари, со кој ќе се избегне раселување на Палестинците од енклавата, за разлика од визијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „блискоисточна ривиера“.
Трамп предложи американско преземање на Газа за обнова на разурнатата енклава, откако претходно предложи Палестинците да бидат трајно раселени. Планот на Трамп ги засили долгогодишните стравови на Палестинците дека трајно ќе бидат протерани од своите домови и наиде на широко меѓународно отфрлање.
Претходно во средата и четвртокот палестинското милитантно движење Хамас, кое управува со Појасот Газа, како и Египет кој е еден од посредниците во палестинско-израелските мировни преговори, го поздравија „очигледното повлекување“ на Трамп од предлогот за трајно раселување на Палестинците од Газа, истовремено повикувајќи го Трамп да се воздржи од согласување со визијата на „екстремната ционистичка десница“.
Изјавите дојдоа откако Трамп во средата рече дека „никој не ги протерува Палестинците од Газа“ како одговор на прашање за време на состанокот во Белата куќа со ирскиот премиер Мајкл Мартин.