Уапсени тројца поранешни градоначалници на Кочани

Уапсени се последните тројца градоначалници на Општина Кочани, дознава НетПрес.

Станува збор за Ратко Димитровски градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Николче Илијев од редовите на СДСМ, и доскорешниот Љупчо Папазов.

Папазов поднесе неотповиклива оставка од функцијата ден по пожарот во дискотеката „Пулс“.

„Во тек е акција на полициски екипи по наредба на Основното јавно обвинителство Кочани, а во врска со постапката за пожарот во клубот “Пулс”.

Акцијата за приведување лица за кои постои сомнение за инволвираност ќе трае во текот на ноќта, а повеќе информации обвинителството ќе соопшти по завршување на акцијата во текот на утрешниот ден.“, соопшти Обвинителството.

Приведувањата, како што дознаваме се во врска со трагедијата којашто ја потресе цела Македонија и регионот, кога ноќта кон неделата во пожар во нелегалната дискотека „Пулс“ животите ги загубија 59 главно млади луѓе, а уште околу 180 беа повредени.

Во истрагата за несреќата во дискотеката во Кочани досега се опфатени вкупно 26 лица. Седум полициски службеници од Штип и Кочани се осомничени за „тешки дела против општата сигурност“ поврзани со издавање согласности за функционирање на дискотеката.

Основниот суд во Кочани вчера донесе решение со кои се продолжува притворот за сите 16 лица досега опфатени во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ и им изрече мерка краткотраен притвор во траење од уште 48 часа.

Претходно беше објавено дека дискотеката „Пулс“ во Кочани работела со фалсификувана лиценца издадена во времето на министерот за економија Крешник Бектеши кој на таа функција дојде во 2017-та и беше до изборите мината година, иако не ги исполнувала условите за работа и претходно, во неколку наврати била одбивана за таков тип дозвола. На лиценцата е потпишана Размена Чекиќ Дуровиќ, тогашен државен секретар во министерството за економија водено до Крешник Бектеши.