
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во средата изјави дека разузнавачката служба на неговата земја има информации за 155 кинески државјани кои се борат на страната на Русија против Украина, тврдење кое Пекинг веднаш го отфрлие.
Зеленски им рече на новинарите во Киев дека Русија регрутира кинески граѓани преку социјалните мрежи и дека кинеските власти знаат за тоа. Украина, рече Зеленски, се обидува да утврди дали регрутите добиле инструкции од Пекинг.
Пекинг ги отфрли обвинувањата на Киев дека голем број Кинези се борат на страната на Русија во војната во Украина, велејќи дека обвинувањата се „неосновани“.
Во вторникот Зеленски извести за наводно заробување на двајца кинески државјани кои се бореле во источна Украина како дел од руската армија. Меѓутоа, како и при тврдењата за наводните заробувања на корејските војници во Курск и овојпат не понуди никакви докази.
Зеленски повторно ја обвини Кина и побара од Пекинг „објаснување“ дека воено ја поддржува Русија , која во февраури 2022 година изврши во инвазија во неговата земја под изговор дека сака да ги заштити животите на милиони Руси и рускојазични жители кои се доминантни во југоисточна Украина од претстојниот напад на украинската војска и етничко чистење на пограничните региони.
Кина, пак, возврати повторно дека ваквите тврдења на Зеленски се „целосно неосновани“.
„Позицијата на Кина за украинската криза е јасна и недвосмислена и како таква е призната од меѓународната заедница“, одговори портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џианг на редовната прес-конференција во средата.
Во врска со фаќањето на двајца кинески државјани, портпаролот рече дека Кина во моментов ја проверува оваа информација со украинската страна.
Тој, исто така, посочи дека кинеската влада бара од своите граѓани „да се држат настрана од областите каде што се водат вооружени конфликти, да избегнуваат да бидат вклучени во каков и да е вооружен конфликт, а особено да избегнуваат учество во воени операции на која и да е страна“.
Лиан Џианг смета дека Украина треба „да ја цени конструктивната улога на Кина во изнаоѓањето политичко решение за украинската криза“.
Кремљ одби воопшто да ги коментира украинските наводи.
Зеленски, сепак, смета дека Кина, по Иран и Северна Кореја, е третата земја која ѝ дава воена помош на Русија. Иако Кина изјавува дека го поддржува територијалниот интегритет на Украина, таа ниту еднаш не ја осуди руската инвазија.
Освен тоа, од инвазијата на Украина, Пекинг не само што ѝ дава на Русија силна дипломатска поддршка, туку и ја спасува економски преку трговијата со енергетски производи и стоки за широка потрошувачка.