Канскиот филмски фестивал ја претстави официјалната селекција за годинешното издание 

Скарлет Јохансон пред и зад камерата, шест режисерки во официјалната селекција, враќањето на Иранецот Џафар Панахи и филмскиот ветеран Вес Андерсон покрај новите таленти… Филмскиот фестивал во Кан во четвртокот го претстави своето 78. издание, со сериозна порака против сексуалното насилство во седмата уметност.

Со Том Круз, кој ќе го претстави новото продолжение на „Невозможна мисија“ и Роберт Де Ниро, кој ќе добие почесна Златна палма, мај уште еднаш ветува мноштво меѓународни ѕвезди на црвениот тепих во Кан.

Пејачот и активист Боно ќе престојува и во градот на југот на Франција за филмот посветен на хитовите на неговиот бенд U2, потоа Хоакин Феникс, Џоди Фостер и Харис Дикинсон, актерот од филмовите „Без филтер“ и „Бејбигрл“, кој се пресели зад камерата.

Вес Андерсон се врати во официјалната конкуренција со шпионската црна комедија „Феникиската шема“, во која главните улоги ги толкуваат Ѓилермо дел Торо, Том Хенкс, Риз Ахмед, Шарлот Гејнсбург и Скарлет Јохансон.

На 40-годишна возраст таа ќе го претстави своето режисерско деби „Елинор Велика“. Филмот е прикажан во рубриката „Un Certain Regard“, која е посветена на филмските откритија, како симбол на промените во филмската индустрија, која постепено им дава повеќе простор на режисерките и сака да покаже дека ги научила лекциите од движењето #MeToo.

Фестивалот, кој беше повикан од истражната комисија на француското Национално собрание за сексистичко и сексуално насилство во културниот сектор, храбро да се соочи со проблемот, уверува дека „сериозно ги сфатил неговите препораки“.

„Многу сум среќна што работите се менуваат решително и храбро. Конечно се слушаат жените. Фестивалот посветува големо внимание на ова и тие повеќе не мора да го бараат своето место“, рече претседателката на филмскиот фестивал Ајрис Ноблох.

Официјалната селекција вклучува шест играни филмови во режија на жени, што е блиску до рекордот од 2023 година кога имаше седум.

За Златната палма се натпреваруваат 19 филмови. Минатата година наградата ја доби „Анора“ на Американецот Шон Бејкер.

Браќата Дарден ќе се обидат да ја освојат по третпат, а Французинката Жулија Дукурно ја посакува по вторпат, откако ја освои за филмот „Титан“.

Во конкуренција се и Бразилецот Клебер Мендонса Фиљо, Италијанецот Марио Мартоне и Американката Кели Рајхард. Првпат во трката за Златната палма е Французинката Хафсија Херци.

Со жирито ќе претседава познатата француска филмска актерка Жулиет Бинош.

Фестивалот се одржува од 13. до 24. мај, во тензична атмосфера поради војните во Украина и Блискиот исток и враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, за што повторно се очекуваат исполитизирани реакции на филмските дејци.

Во секцијата Канска премиера ќе биде прикажан филмот на руски режисер во самонаметнат егзил Кирил Серебреников, „Исчезнувањето на Јозеф Менгеле“, адаптација на романот на Оливие Гез.

Во официјалната селекција е и Украинецот Сергеј Лозница со филмот „Двајца обвинители“ за СССР во 30-ти години на минатиот век за време на сталинистичките чистки.

Иранскиот филмски ветеран Џафар Панахи, кој последен пат беше во официјалната селекција на фестивалот во 2018 година со филмот „Три лица“, се враќа со филмот „Обична несреќа“.

„Во овој селекција имаме режисери кои ја преземаат одговорноста за дискурсот за светот“, рече главниот делегат на фестивалот Тиери Фремо на прес-конференција.

„Овие филмови прикажуваат нешто од светот кој е тежок, полн со тензии, насилство, во кој човек треба да си го најде своето место, но и светот што го сретнавме, што го сакаме и што го гледаме како што е создаден“, рече тој
Фестивалот го отвора дебитантскиот филм на Амели Бонен „Да се замине еден ден“ во кој глуми популарната француска пејачка и актерка Жулиет Армане, а кој не е во официјалната селекција.