Мултилатерализмот – што потоа?

Она што загрижува во целата ситуација е инертноста на македонската дипломатија во детектирање на вредноста на улогата што ја игра мултилатерализмот во зајакнувањето на нашиот ангажман и засилување на нашиот глас, со што барем малку ќе се обидеше да ги изедначи условите за игра во меѓународниот систем. Буквално, Македонија како да нема глас во меѓународните форуми. Нејзиниот глас се претопуваше во гласот на големите, оставајќи ја македонската приказна недораскажана. Нашата дипломатија не успеа да сфати дека Македонија како мала држава мораше да ја подигне важноста на мултилатерализмот како клучен столб на нашата надворешна политика.

Ниту еден голем говор или документ за надворешна политика никогаш не занемарил да ја спомене егзистенцијалната важност на мултилатерализмот и поредокот заснован на правила. Но, во пракса, светот прави малку за да го спречи тивкото умирање на глобалното владеење. Мултилатерализмот ретко изгледаше вака мизерно и дисфункционално како денеска, и никогаш во повоената историја немало толку мал интерес за лошата состојба на меѓународната соработка. Одговорот на мрачната ситуација е едноставно универзално кревање раменици. Или? Дали вистински мултилатерализмот во својата повоена смисла е мртов како што забележуваат повеќето теоретичари на меѓународните односи? Можеби се враќаме во свет во стилот на 1930-те, кога несреќната Лига на народите не беше способна да воспостави соработка меѓу англо-саксонските сојузници и силите на Оската на Германија, Јапонија и Италија? Како што гледаме Обединетите нации повеќе не се ефективни во ниту една од нејзините главни функции. Се помала е веројатноста за враќање на целосната функционалност на ОН, и постои мала веројатност дека може да се случи сериозна промена со сегашното раководство на големите сили. Во услови кога кризите во светот дивеат, од климатските промени, безброј економски прашања, растечкиот дигитален јаз и сè поголем број внатрешни на надворешни конфликти, лесно е да се чувствуваме цинично за нашата способност како обединети држави да создадеме одржлив и праведен свет, за себе и за идните генерации.

Сепак, и покрај растечките геополитички тензии меѓу големите сили, не сите показатели се негативни. Фокусирањето на малите држави открива дека светот можеби не е толку поделен како што изгледа. Точно дека ваквата нова реконфигурација на мултилатерализмот остави многу мал простор за малите држави во геополитичката сценографија и сфера на дејствување и, главно, во нивното единствено меѓународно позиционирање. Во таквото сценарио лесно може да бидат поткопани самите принципи на суверенитет, територијален интегритет и политичка независност, кои се спас за малите држави да ги заштитат своите интереси. Притисоците да се заземе страна ќе бидат се поголеми, економската принуда ќе ги направи малите држави се поранливи, а политичкото мешање, па дури и безбедносните закани се поголеми. Македонија не е исклучена од ваквите процеси. Да се ​​биде мала држава во никој случај не значи дека се соочувате со мали проблеми. Напротив, сосема е спротивно.

Она што загрижува во целата ситуација е инертноста на македонската дипломатија во детектирање на вредноста на улогата што ја игра мултилатерализмот во зајакнувањето на нашиот ангажман и засилување на нашиот глас, со што барем малку ќе се обидеше да ги изедначи условите за игра во меѓународниот систем. Буквално, Македонија како да нема глас во меѓународните форуми. Нејзиниот глас се претопуваше во гласот на големите, оставајќи ја македонската приказна недораскажана. Нашата дипломатија не успеа да сфати дека Македонија како мала држава мораше да ја подигне важноста на мултилатерализмот како клучен столб на нашата надворешна политика. Со ограничена моќ во односите меѓу државите и со нерешени билатерални прашања Македонија мораше да обезбеди поголема посветеност на меѓународното право и мултилатерализмот што ќе и овозможи да даде значителен придонес во глобалното владеење. Точно дека многуте сложени структури и процеси на мултилатералната дипломатија ги оптоваруваа ресурсите на македонската дипломатија, но таа никогаш не ја виде вредноста на мултилатералниот пристап во израмнување на полето за игра. Дали оваа влада со новиот курс во дипломатија ќе постапи поинаку сега во сериозно изменети услови на соработка во светот?

Без оглед на сите промени што се случуваат во мултилатерализмот денес, време е да научиме еднаш како држава дека за Македонија мултилатерализмот не е опција, туку неопходност. Без поредок заснован на правила кој ги третира земјите подеднакво, ризиците за малите држави каква што е Македонија се зголемуваат експоненцијално. Во време кога се соочуваме со опасност да се спуштиме во свет каде што моќта ја диктира правдата – свет управуван од законот на џунглата, каде што моќта повторно доминира, Македонија заедно со другите мали држави мора да застане заедно за зачувувување и зајакнување на мултилатералниот систем, како и да ги брани принципите на меѓународното право во ера на конфликти и конкуренција. Не смееме сами да се изолираме од мултилатералните форуми и да останеме надвор од процесите на промени што се случуваат таму. Само така ќе ги заштитиме нашите интереси, избегнувајќи ја судбината да се најдеме на менито на големите. Конечно, гледајќи во иднината, тврдам дека колективно, малите држави, вклучувајќи ја тука и Македонија, можат и треба да бидат катализатори за промени, нудејќи нов пат напред во услови на геополитички тензии помеѓу големите држави. Само така нивниот глас ќе биде слушнат. Време е на македонската дипломатија да исчекори напред. Уште да знае како.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес