Судот на БиХ повторно бара Интерпол да распише потерница по Додик

Судот на Босна и Херцеговина побара од Интерпол да ја преиспита својата одлука за одбивање да се издаде меѓународна потерница за водачите на босанските Срби кои од босанското правосудство се обвинте за наводен обид за уривање на уставниот поредок, објавија во средата сараевските медиуми.

Повтореното барање за распишување меѓународна потерница се однесува на актуелниот претседател на Република Српска, Милорад Додик и на претседателот на ентитетскиот парламент, Ненад Стевандиќ.

Откако пред еден месец Судот на БиХ издаде налог за апсење и им одреди едномесечен притвор бидејќи одбиле да одговорат на поканите на Обвинителството на БиХ за распит како осомничени, двајцата отпатуваа во странство, поточно во Србија, Израел, Русија и Унгарија. Никој не се ни обиде да ги уапси, а Граничната полиција на БиХ никогаш не објасни како и каде двајцата успеале да ја преминат границата и покрај распишаната внатрешна потерница.

Притворот и внатрешната потерница се однесуваат и на премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ, но оттогаш тој не ја поминал границата на БиХ, па за него не се однесувало барањето за меѓународна потерница.

На ова се спротивставија Србија и Унгарија, кои побараа од Интерпол да не издава потерница. Интерпол на крајот го отфрли барањето од Сараево, а образложението на кое инсистираше Белград дека тоа е во согласност со статутот на Интерпол, кој спречува издавање налози за апсење во случаи кои можат да се окарактеризираат како „политички прогон“, што властите во Сараево велат дека наводно е непотврдено но не го објавуваат одговорот од меѓународната полициска организација.

„Во моментов судот може само да ја потврди информацијата дека е испратено барање преку Националната канцеларија на Интерпол во Босна и Херцеговина за ревидирање на одлуката за одбивање на барањето за издавање црвена потерница на Интерпол, додека сите други околности и информации се сметаат за доверливи“, се вели во соопштението на Судот на Босна и Херцеговина, доставено до медиумите во средата.

Покрај наводниот обид за уривање на уставниот поредок, Додик е под истрага и за наводна сомнителна набавка на вила во Белград, а за тој случај одбил покана за распит. Обвинителството на БиХ повторно ја покрена истрагата за случајот стар повеќе од две децении и се однесува на фактот дека Додик купил вила во елитната белградска населба Дедиње во 2007 година за 750.000 евра. Судот се сомнева дека платил во готово, а чие потекло не можел да го докаже, па се обидел да легализира со заем што потоа го подигнал од приватна банка во БиХ. Истрагата со години не може да се спроведе бидејќи нема никакви докази, а бошањачките власти во Сареаво се жалат на одбивањето на српските власти да соработуваат со Обвинителството на БиХ.

Покрај сето ова, на Додик му претстои и правна постапка во која во февруари беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за политичка активност што тој ја оцени како политички прогон и обид за уништување на Република Српска, што ќе доведе до конфликт и распад на БиХ дизајнирана според Дејтонскиот мировен договор од 1995 годдина. Неговиот тим адвокати ја обжали пресудата, па се очекува одлука во втор степен, или правосилна пресуда.