
Израелскиот министер за одбрана изјави дека и по завршувањето на војната, армијата ќе остане во таканаречените „безбедносни зони“ кои беа воспоставени со окупирање на големи области на Газа, пренесува BBC.
Министерот Израел Кац рече дека тоа ќе бидат „тампон зони“ кои ќе служат за заштита на израелските заедници „во секоја привремена или трајна ситуација“.
Додаде дека „десетици проценти“ од палестинската територија биле додадени откако израелската офанзива продолжи пред три седмици.
„Околу 30 отсто од територијата на Газа сега е означена како безбедносна зона“, се вели во соопштението на војската.
Кац рече дека Израел ќе продолжи со својата шестнеделна блокада на хуманитарна помош за да изврши притисок врз Хамас да ги ослободи заложниците, и покрај предупредувањето на ОН за „страшни“ последици.
Во средата, Лекари без граници (MSF) предупредија дека Газа е „претворена во масовна гробница за Палестинците и оние кои доаѓаат да им помогнат“.
„Во реално време сме сведоци на уништување и присилно раселување на целото население на Газа“, изјави Аманда Базероле, хуманитарна координаторка во Газа.