
Цените на акциите остро паднаа на Волстрит во средата, по предупредувањето на „Nvidia“ за големиот трошок поради трговската војна и пораката од претседателот на централната банка, Џером Пауел, дека економскиот раст забавува.
Индексот Dow Jones се лизна за 1,73 отсто, на 39.669 поени, додека S&P 500 потона за 2,24 отсто на 5.275 поени, а индексот Nasdaq падна за 3,07 отсто на 16.307 поени.
Меѓу најголемите губитници, со пад на цената од речиси 7 отсто, беа акциите на „Nvidia“ откако производителот на чипови објави дека американските ограничувања за продажба на одредени чипови на Кина и други земји ќе ја чинат околу 5,5 милијарди долари.
Поради ова паднаа и цените на акциите на неколку други производители на чипови, па индексот на тој сектор вчера беше најголем губитник со пад од 4 отсто.
„Компаниите почнуваат да известуваат за влијанието на тарифната војна и тоа ја поттикнува неизвесноста“, рече Бил Нортеј, директор во компанијата „U.S. Bank Wealth Management“.
А дека има причина за неизвесност потврди и претседателот на американската централна банка, Пауел, кој на собирот на економисти рече дека повисоките од очекуваните царини веројатно ќе значат повисока инфлација и побавен економски раст.
Банката на Федерални Резерви (Fed), истакна Пауел, ќе чека повеќе економски податоци пред да преземе какви било мерки за каматните стапки.
Ова ги намали надежите на инвеститорите дека централната банка наскоро би можела да ги намали каматните стапки и на тој начин да го поддржи економскиот раст и растот на пазарот на капитал.
„Пауел го потврди она за што инвеститорите беа загрижени, а тоа е дека економскиот раст најверојатно ќе забави, а инфлацијата ќе остане покачена поради тарифната војна“, рече Сем Стовал, стратег во „CFRA Research“.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера благо пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,32 отсто, на 8.275 поени, а франкфуртски DAX за 0,27 отсто, на 21.311 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,07 отсто, на 7.329 поени.