Кина ги отфрла украинските тврдења дека ѝ испорачува оружје на Русија

Кинеското Министерство за надворешни работи во петокот ги отфрли како неосновани тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Кина ѝ испорачува оружје на Русија.

И покрај одржувањето на блиски економски врски за време на тригодишната руска инвазија во Украина, Кина се обидудва да се прикаже себеси како неутрална земја во конфликтот и негира каква и да вмешаност во него.

Демантот од петокот доаѓа откако Зеленски на прес-конференција ден претходно рече дека Кина испраќа оружје и муниција во Русија, обвинувајќи ја втората најголема светска економија и азиски гигант дека, исто така, произведува оружје на руска територија.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан рече дека Кина никогаш не произведувала оружје за која и да е завојувана страна во Украина.

„Позицијата на Кина за украинското прашање отсекогаш била јасна“, рече Лин. Пекинг е активно посветен на „промовирање на прекин на огнот и ставање крај на конфликтот, како и на охрабрување на мировните преговори“, додаде.

Кина се противи на неосновани обвинувања и политички манипулации, продолжи портпаролот и додаде дека Украина јавно кажала дека повеќето компоненти од руското оружје доаѓаат од САД и други западни земји.