
Кина им забрани на производителите на автомобили да ги користат термините „паметно возење“ и „автономно возење“ во рекламите и најави дека ќе ги заостри контролите за надградба на софтверските системи во возилата.
Министерството за индустрија и информатичка технологија ја претстави новата регулатива пред речиси 60 претставници на компаниите на состанокот во средата, покажал транскриптот во кој увид имала агенцијата Reuters, со потврда од еден од присутните на состанокот.
Во јуни минатата година, кинеската национална телевизија објави извештај во кој се наведуваше дека веројатноста за пожари во електричните возила и хибриди е помала од онаа во автомобилите со фосилни горива, и покрај бројните објави на социјалните мрежи дека пожарите во електричните возила се честа појава. Тие наводи не се потврдени, соопшти тогаш кинеската телевизија.
Во март, автомобил „Xiaomi“, со вклучен напреден систем за помош на возачот, удри во бетонски столб со брзина од 97 километри на час и се запали. Таа фатална несреќа предизвика жестока дебата за безбедноста на електричните возила во Кина. Прелиминарните резултати од истрагата покажаа дека автомобилот на „Xiaomi“ се запалил само неколку секунди откако возачот ја презел контролата врз возилото од системот за помош на возачот (ADAS).
Министерството го потврди состанокот во соопштение во кое се вели дека новите барања од февруари, кои вклучуваат надградба на технологијата за возење „интелигентни“ и „поврзани“ возила, им се објаснети на производителите на автомобили.
Производителите на автомобили сега мора да бараат дозвола за тестирање и надградба на системите за помош на возачот со ажурирање на системите „од далечина“ во возилата што веќе се испорачани на клиентите, покажува транскриптот од споменатиот состанок.
Обемното тестирање сега е услов за да се добие дозвола за надградба.
На состанокот, според транскриптот, присуствувал и претставник на технолошкиот гигант „Huawei“, кој доставува системи за помош при возење на најмалку седум марки во Кина, вклучувајќи го и германски „Audi“.
Бројни производители на автомобили им понудија на клиентите нови модели опремени со ADAS, истакнувајќи ја способноста за „паметно возење“ како клучен продажен атрибут во жестоката ценовна војна на најголемиот светски автомобилски пазар.
Во февруари, водечкиот производители на електрични автомобили BYD го подигна нивото со воведување дваесетина достапни модели под 10.000 долари, со бесплатни додатоци како „паметно возење“, а истото го следеа и голем број други компании, вклучувајќи ги „Leapmotor“ и јапонска „Toyota“.
Регулаторите, исто така, ги заострија стандардите за батериите на електричните возила за да го намалат ризикот од пожари и експлозии. Ќе се применува од јули следната година и ќе ја замени верзијата од 2020 година, која пропишува петминутно предупредување во случај на опасност од пожар во електрично возило.