НБА: Индијана убедлива против Милвоки на стартот од плејофот

Во првиот натпревар од овогодинешниот плејоф во северноамериканската професионална кошаркарска лига НБА, Индијана Пејсерс на домашен терен убедливо ги совлада Милвоки Бакс со 117:98.

Првиот натпревар меѓу четвртата и петтата екипа во Источната конференција не понуди никаква неизвесност, домашните брзо се одлепија и до полувремето водеа со 24 поени разлика (67:43), а во третата четвртина отидоа и до 28 поени (77:49), па остатокот од натпреварот беше само формалност и одработување на мечот.

Паскал Сијакам ги предводеше Пејсерс со 25 поени, Мајлс Тарнер додаде 19, додека Јанис Адетокумбо беше единствениот расположен играч на Бакс со 36 поени и 12 скока.

Пласманот во второто коло ќе го оствари тимот што прв ќе оствари четири победи, а вториот натпревар е закажан за три дена повторно во Индијанаполис.

И минатата година во првото коло од плејофот се сретнаа Индијана и Милвоки, а поуспешна беше Индијана со вкупни 4-2.