Индексот на доларот на ново најниско ниво во три години

На валутните пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути падна минатата седмица, трета со ред, бидејќи американската валута и натаму е под притисок поради трговската војна меѓу САД и Кина.

Индексот на доларот, кој ги искажува перформансите на американската во однос на шесте главни валути, падна за 0,6 отсто минатата седмица на 99,23 поени, што е ново најниско ниво во последните три години.

Курсот на еврото порасна за 0,3 отсто, на 1,1390 долари. Американската валута ослабе и во однос на јапонската за 0,9 отсто, па нејзината цена падна на 142,20 јени.

Падот на доларот трета седмица со ред е резултат на тековната трговска војна меѓу САД и Кина. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица изјави дека очекува трговски договор со Кина, но не даде детали.

Од друга страна, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека Кина повеќе нема да обрнува внимание доколку САД продолжат да си играат со царинските бројки. Ова беше одговор на заканата на Вашингтон дека ќе ги зголеми реципрочните царини за увоз од Кина на вкупно 245 проценти поради нејзините противмерки.

И додека Вашингтон се фокусираше на царинската војна, Кина воведе низа нетарифни рестриктивни мерки. Меѓу другото, во услужните индустрии, како што се финансиите, консалтингот и туризмот, во кои САД со години имаат голем трговски суфицит со Кина, велат аналитичарите.

„САД и Кина се заплеткаа во досега невидена и скапа игра на кукавица, и се чини дека ниту една страна не е подготвена да се повлече“, вели Тинг Лу, економист во компанијата „Nomura“.

Покрај тоа, доларот е под притисок бидејќи се очекува слабеење на американската економија. Минатата седмица, Џером Пауел, претседателот на американската централна банка Феералните резерви (Federal Reserve – Fed), рече дека повисоките царини од очекуваните веројатно ќе значат повисока инфлација и побавен економски раст.

Банката, истакна Пауел, ќе чека повеќе економски податоци пред да преземе какви и да се мерки за каматните стапки.

Ова ги ублажи шпекулациите дека централната банка наскоро ќе ги намали каматните стапки, иако Трамп повторно го повика Пауел да ги намали каматните стапки и се закани дека наскоро ќе го отстрани од неговата позиција како претседател на Fed.

За разлика од Fed, Европската централна банка (ECB) минатата седмица ги намали клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, третпат оваа година, за да ја поддржи економијата во ова време на неизвесност поради војната со царините.