
Околу 300 патници беа итно евакуирани од авионот на компанијата Делта, откако се запали еден од моторите додека леталото стоеше на писта на меѓународниот аеродром во Орландо, пишува „Би-Би-Си“.
На снимките што се појавија на социјалните мрежи се гледа црн чад, а потоа и пламен од десниот мотор, а патниците го напуштаат авионот, спуштајчќи се низ надувани евакуациски тобогани. Засега нема информации за повредени луѓе.
Летот на Делта беше планиран на релација Орландо – Атланта. Компанијата во соопштение за „Си-Би-Ес“ наведе дека во авионот од типот Ербас А330 се наоѓале 282 патници, 10 членови на екипажот и двајца пилоти.
„Им благодариме на патниците за соработката и се извинуваме за ова искуство. Безбедноста е секогаш наш приоритет и нашите тимови работат на тоа патниците што побргу да стигнат до своите дестинации“, се наведува во соопштението на компанијата.
Федералната управа за воздухопловство (FAA) најави истрага за инцидентот.
Ова е само еден во низата сериозни авионски инциденти што се случија годинава во Северна Америка. На 29 јануари, 67 лица загинаа кога патнички авион се судри со воен хеликоптер во близина на аеродромот Роналд Реган во Вашингтон. На 17 февруари, авион на Delta излета од пистата при слетување во Торонто и се преврте, но сите 80 патници преживеаја.
Фото: Printscreen / Youtube / FOX 35 Orlando