
Синамандла Зонди, 22-годишен фудбалер на јужноафриканскиот клуб Дурбан Сити, почина откако му се слошило за време на загревањето пред лигашкиот натпревар во втората дивизија на земјата.
Без никакви претходни проблеми, Зонди нормално се загревал со соиграчите од Дурбан Сити во пресрет на првенствениот натпревар против Милфорд. Младиот фудбалер во еден момент колабирал на теренот и итно бил префрлен во блиската болница.
Во меѓувреме, натпреварот Дурбан Сити-Милфорд започнал но беше прекинат и на полувремето кога официјално била објавена веста дека Зонди починал. Причината за неговата смрт сѐ уште не е официјално позната.
Зонди беше еден од најдобрите играчи на Дурбан Сити, тим кој моментално е на првото место во втората лига и е прв фаворит за влез во елитниот ранг на јужноафриканскиот фудбал. Во тековната сезона, дефанзивецот Зонди одигра 24 првенствени настапи за својот тим и постигна два гола.