Од мај Маск ќе посветува помалку време во работата за администрацијата на Трамп

Извршниот директор на „Tesla“ и близок советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, рече дека почнувајќи од мај ќе посвети многу помалку време на водењето на управата за владина ефикасност (DOGE), која Трамп ја основапе за да ја намали огромната федерална потрошувачка.

„Веројатно почнувајќи од следниот месец, почнувајќи од мај, времето што ќе го посветам на DOGE ќе биде значително намалено“, рече Маск на конференцијата посветена на резултатите од првиот квартал на производителот на електрични автомобили.

Додаде дека од мај ќе му посвети многу повеќе време на „Tesla“, тврдејќи дека „клучната работа“ на одделот „во голема мера е завршена“.

Компанијата „Tesla“ во вторникот објави полоши од очекуваните резултати за првиот квартал, значително под влијание на соработката на Маск со администрацијата на Трамп. Продажбата на нејзините автомобили ширум светот остро паднала во првиот квартал, со само 336.681 испорачани возила во април, што е пад од 13 отсто на годишно ниво.

„Како што е познато, моето време во владата го направи своето. Работата што ја работиме таму е навистина многу важна за контролирање на дефицитот што ја влече нашата земја, САД, кон уништување“, рече Маск.

Додаде дека DOGE постигнал голем напредок во елиминирањето на расипништото и измамите и ги обвини „оние кои ги добиваат тие пари“ дека се причина за одмазда против „Tesla“ и за физичките и дури вооружени напади и подметнувања пожари врз имотите и врз луѓето поврзани со него.

Според финансискиот директор Ваибхав Танеја, неоправданото непријателство кон „Tesla“ и нејзините вработени „имало влијание на некои пазари“. И покрај тоа, додаде тој, „успеавме да ги продадеме сите залихи на стари модели на САД, Кина и на неколку други пазари низ светот“.