Палевски му го злоупотребува името за да се одбрани, вели Туфегџиќ, Александар реагира и за тезите дека било логично Зорица да биде убиена

Обвинетиот Александар Ѓорчевски, преку адвокатот Владимир Туфегџиќ реагираше до судот бидејќи смета дека обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо се обидува да го злоупотреби неговото име за да се брани себеси. Туфегџиќ вели дека реакцијата била оправдана, бидејќи Палевски изнел премногу тези и анализи, како за човек кој тврди дека не бил на местата на убиствата.

„Александар преку мене како негов бранител денеска реагираше во текот на исказот на обвинетиот Палевски поради тоа што смета дека во неколку наврати, на неколку изминати судења, обвинетиот Палевски се обидува злонамерно да се спомнува неговото име во контекст на наводната одбрана. Александар со право реагира особено по изнесените анализи, наводи и тези од Палевски, зошто би ја убиле Вања кога логично било да ја убијат Зорица, премногу тези и анализи за човек кој за себе тврди дека во критичното време ниту учествувал ниту ги извршил убиствата“, вели Туфегџиќ.

Тој посочува дека Ѓорчевски има изградено став и мислење за Палевски и обвинетите.

„Александар од сето она што досега го видел и слушнал во судница има изградено свој став и мислење како за обвинетиот Палевски таа и за другите обвинети по однос на убиството на Вања, во судницата кажа дека ниту еден од обвинетите не изразил ниту жалење ниту каење туку само разочараност од нивниот т.н  ‘цар’. Факт е дека ниту еден од обвинетите кои не го негираа своето учество во убиствата, не се исправи пред таткото на Вања во судницата за да изрази каење, туку грчевито се обидуваат да го оправдаат своето учество во настаните на начин дека немале избор и биле под закани“, додаде Туфегџиќ.

Рочиштето и натаму трае.