
Берзанските индекси силно пораснаа на Волстрит во вторникот, благодарение на корекцијата на цената по остриот пад претходните денови а инвеститорите се надеваат на смирување на трговските тензии меѓу САД и Кина.
Индексот Dow Jones скокна за 2,66 отсто, на 39.186 поени, додека S&P 500 порасна за 2,51 отсто, на 5.287 поени, а индексот Nasdaq порасна за 2,71 отсто, на 16.300 поени.
Со вчерашниот скок, индексите ги вратија сите загуби од претходниот ден, кога инвеститорите беа вознемирени од жестокиот напад на американскиот претседател Доналд Трамп врз претседателот на централната банака, Џером Пауел. Сепак, Трамп вчера изјави дека не планира да го смени Пауел, туку дека само сака пониски каматни стапки.
Инвеститорите беа охрабрени и од изјавата на министерот за финансии Скот Бесент дека тој верува оти трговските тензии меѓу САД и Кина ќе се намалат, иако преговорите со Пекинг најверојатно ќе бидат бавни.
„На пазарот продолжува ролекостерот. Некакаво ублажување на американско-кинеската агресија, благодарение на коментарите на Бесент, го поттикна пазарот кон нагоре“, вели Рајан Детрик, стратег во компанијата „Carson Group“.
Во фокусот на инвеститорите се и кварталните деловни резултати на компаниите. Досега повеќе од 80 компании од составот на индексот S&P 500 објавија извештај, при што 73 отсто од нив ги надминаа очекувањата во однос на заработката. Сепак, сега аналитичарите проценуваат дека заработката на компаниите во првиот квартал пораснала во просек за околу 8 отсто, додека на почетокот на кварталот очекуваа раст од 12 отсто.
И покрај вчерашниот силен скок, индексот S&P 500 сѐ уште е значително, речиси 14 отсто, под рекордното ниво постигнато во средината на февруари.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,64 отсто, на 8.328 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,41 отсто, на 21.293 поени, а париски CAC 0,56 отсто, на 7.326 поени.