Генералниот секретар на НАТО повикува на „квантен скок“ во европските одбранбени инвестиции

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во четвртокот ги повика европските членки и Канада да направат „квантен скок“ во зголемувањето на нивниот придонес во алијансата.

Руте, кој го посети Вашингтон на разговори со американски официјални претставници, во годишниот извештај објавен во четвртокот напиша дека во 2024 година членките на европската алијанса и Канада инвестирале 19,4 отсто повеќе во одбраната отколку претходната година, но дека тие напори мора да се забрзаат во 2025 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека членките на НАТО треба да одвојат пет отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбраната, што во моментов ниту една од нив, вклучително и самиете Соединетите држави, не го прави. Сепак, американското издвојување за одбраната е многукратно од поголемо споредено со другите светски сили кои важат за воени сили, во прв ред Русија и Кина.

„Европските сојузници и Канада мора да направат квантен скок во придонесите и способностите што ги користат. За да се постигне ова, од клучно значење ќе биде да се инвестира значително повеќе“, напиша Руте.

Соединетите држави беа одговорни за 64 отсто од трошоците за одбрана во целата Алијанса во 2024 година, а европските членки и Канада за 36 отсто, според извештајот од четвртокот, во кој исто така беше забележано дека минатата година 22 од 32 членки ја исполниле целта да потрошат најмалку два отсто од националниот БДП за одбраната.