
Изминативе десетина дена ги одбележува засилена јавна активност на американската и руската дипломатија поврзана со иранската нуклерана програма. Активностите зад сцена исклучително е тешко да се следат. Во секој случај, последната посредна средба помеѓу американската и иранската делегација, во Рим, според зборовите на иранскиот министер за надворешни работи донела напредок. Експертски групи работат на детали околу договорот. Нова средба се очекува во сабота.
При ова, важно е да се потенцира дека посредник е Оман. Светските медиуми овој напредок го објаснуваат со заканите на претседателот Трамп упатени кон Иран, а пропратени со испраќање на уште еден носач на авиони во регионот. Ги игнорираат или маргинализираат серијата на средби кои руската и кинеската дипломатија ги имаше со иранските официјални преставници. Во овој контекст треба да се укаже дека пред четири дена претседателот Путин го потпиша указот на договорот за стратешко партнерство помеѓу Русија и Иран, договрен во јануари оваа година. Иранскиот министер за надворешни работи пред оваа среда беше во Пекинг, а владетелот на Оман – во Москва. Само како напомена, пред официјалното започнување на посредните преговори, имаше исто така серија на билатерални, како и трилатерална средба на министрите за надворешни работи на Русија, Кина и Иран. Сите овие средби, пропратени со штури соопштенија, укажуваат дека напредокот на иранско-американските преговори не би бил можен без активен придонес на Русија, но и Кина.
Тие двете во крајна линија имаат исклучително тесни и пријателски односи си својот партнер од БРИКС. Во сите области, вклучувајќи ја и одбраната. Во ниеден момент не треба да се изуми дека пред неполни два месеца овие три држави имаа заеднички поморски вежби.
Како потврда на изнесенава теза треба да се земат два момента. Првиот, Европската унија е целосно исклучена од преговорите. Уште повеќе, ниту Унијата, ниту нејзините членки, посебно големите, не ги коментираат овие преговори. Исклучок е италијанскиот министер за надворешни работи, но тој тоа мораше да го направи. Во крајна линија, Рим беше домаќин на средбата, а тој лично, како што е редот, го прими иранскиот министер за надворешни работи. Неучеството на Европската унија во овие преговори, кои се од суштинско значење за мирот на целиот Блиски исток, само потврдува дека ниту претседателот Трамп, ниту претседателот Путин, немаат високо мислење за неа. Не ја сметаат за значаен фактор кој може да помогне во надминување на состојбите на Блискиот исток. Нешто што се покажа и во однос на израелско-палестинскиот судир.
Вториот момент е поважен и укажува на феномен, кој досега ретко се случувал. Имено, честите средби помеѓу иранските и руските и кинеските шефови на дипломатии или шефови на држави и влади не наиде на никаква реакција од страна на САД, но и на европските држави. Нешто што целосно остапува од нивниот наратив, кога се во прашање овие три држави. Официјално, за западните сојузници ови три држави се извор на светската нестабилност и закана по светскиот и регионалниот мир. Оттука, слободно може да се укаже дека Русија и САД координирано работат на денуклеаризација на Иран, со поддршка на Кина, а Унијата молчешкум го прифаќа тоа.
Ова тврдење целосно се совпаѓа со логиката на претседателот Трамп за елиминирање на заканите по светскиот мир, но и желбата на претседателот Путин, да ја претстави Русија како поборник за мир во светот. Уште повеќе, да помогне во нормализацијата на нивните односи, преку затворање на сите отворени прашања, вклучувајќи ја и војната во Украина. Изјавите на портпаролот на Кремљ, дека двете влади се во постојана комуникација, преку различни канали, дополнително ја потврдува оваа теза. И уште нешто! Таа покажува дека двете страни, кога е во прашање Украина, работат доста координирано. Имено, портпаролот ка Кремљ, зборувајќи за американско-руските односи истакна неколку работи. „…Решение за конфликтот со Украина не е можно без нормализација на односите помеѓу САД и Русија… средбата помеѓу Трамп и Путин треба да биде продуктивна. Подготовките се во тек..“. Притоа тој јасно стави до знаење дека двајцата лидери „…првенствено ги бранат интересите на своите држави… но, ја споделуваат и желбата… да ги решат најтешките прашања преку дискусија…“. Решавањето на иранското нуклеарно прашање е едно од тие тешки прашања.
Во однос на прашањето за Украина, интересно е да се напомене дека заканите на претседателот Трамп, дека САД ќе се повлечат од преговорите за Украина, ако наскоро не се постигне примирје, во најголем дел од медиумите беа протолкувани како притисок врз Русија. Дополнително, едностраната одлука на претседателот Путин, за велигденскиот прекин на воените дејствија, истите медиуми ја протолкуваат како негова желба да му се додвори на Трамп. Заробени во својот анти-руски наратив тие заедно со официјалните преставници на европските држави, упаднаа во замка. Едноставно не успеаја да ја видат поголемата слика. Одлуката на претседателот Путин за едностран прекин на огнот беше во функција на јавно демаскирање на однесувањето на европските сојузници на Украина. Нивните реакции по објавувањето на веста, јасно ја покажаа нивната интенција за продолжување на воените дејствија. При ова, тие погрешно играа на картата дека Русија нема да го почитува ова примирје. Не само што погрешија во проценките, туку и не очекуваа дека за само 24 часа, по истекот на примирјето, претседателот Путин ќе излезе со изјава дека е подготвен да разговара со Украина за прекин на огнот. Претседателот Трамп, на ова, дополнително изјави дека има напредок во разговорите со Русија, но и Иран.
Претседателот Зеленски немаше друг избор освен да „трча“ по изјавите на претседателот Путин. Во крајна линија, тој и немаше голем маневарски простор. Ја чекаше средбата во Лондон на која требаше Франција, Обединетото Кралство, Германија и Украина да го дадат своето мислење за американскиот нацрт план за целосно примирје. Два дена пред почетокот на средбата францускиот министер за надворешни работи г-дин Баро јавно изјави дека Франција заедно со другите европски нации јасно му ги соопштиле на Вашингтон нивните „црвени линии“ – услови за кои нема преговори за евентуален мировен договор помеѓу Русија и Украина. „…Наша единствена цел е да ги одбраниме француските интереси и европската безбедност… Како што САД ја презеде медиаторската улога, ние јасно им соопштивме каде ние повлекуваме линија…“.
Давање ваква арогантна изјава не може да остане без одговор. Средбата требеше да се одржи на ниво на министри за надворешни работи, но во последен момент, американскиот државен секретар Рубио го откажа учеството од „логистички причини“. На средбата не беше предвидено да присуствува ниту специјалниот преставник на претседателот Трамп, г-дин Виткоф. Американската страна ги испрати пратеникот г-дин Келог. Нормално и очекувано, Европејците, освен Украина, исто така го намалија нивото на учество. Едноставно американската страна, на сите инволвирани на средбава, јасно им стави на знаење дека или ќе го прифатат нивниот нацрт план за прекин на огнот, или тие се повлекуваат од медијаторската улога.
Ваквиот нивен став е потполно разбирлив. САД и Русија фактички веќе постигнаа договор за нацрт договорот. Делумно отворено прашање е составот на мировните сили, односно знамето под кое ќе бидат присутни во Украина. Со договорот е предвидено Русија да се откаже од барањето за присвојување на сите територии кои таа ги посакува, а сега не се под нејзина окупација. Од тие причини, руските војски на линијата на фронтот не напредуваат веќе петнаесеттина дена. За возврат, таа бара САД да го признаат Крим како de jure дел од Руската Федерација. Нешто што ниту Европјаните, ниту Украина одбиваат да го прифатат. Трамп не остана покус! Изјави: „…никој не бара Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако тој го сака Крим зошто тогаш тие не се бореа за него пред единаесет години, кога тој беше предаден на Русија без ниеден испукан куршум…’“. Фактички, тој со оваа изјава индиректно им одговори и на европските поддржувачи на Украина. Нивните заложби за зачувување на територијалниот интегритет на Украина се утопија. Што е апсолутно точно! За нив елегантен излез од оваа ситуација е едноставно формално правно да не ги признаат териториите окупирани од Русија, како дел од Руската Федерација. Нешто што на Путин нема да му пречи. Во крајна линија, тој и повеќе не очекува од Европа.
Резултатот од средбата во Лондон покажа дека тие не се подготвени на такво нешто. Во соопштението на Форин офис, по нејзиното завршување, стои:„…денешниве разговори беа продуктивни и успешни, значаен напредок беше направен за обезбедување на заедничка позиција за следните чекори. Сите се согласија да продолжи нивната тесна координација очекувајќи наскоро нови разговори…“. Одбивањето на учеснициве на средбата да се согласат со планот на Трамп, нормално предизвика рекација од руската страна. Портпаролот на Кремљ во изјава за медиумите веднаш побара Украина да се повлече од сите територии, кои според рускиот устав се дел на Федерацијата.
Средбата во Лондон не донесе конкретни резултати, но не беше залудна. Таа јасно покажа дека големите европски сили не се подготвени да работат на нормализација на односите со Русија. За да можат слободно да играат на картата на милитаризацијата на нивните економии, потребен им е непријател. Колку подолго трае војната во Украина, толку полесно ќе им биде проектот за милитаризација да го „продаваат“ во сопствената јавност. Заедно со Зеленски играат на картата дека Трамп, заради украинските ретки метали, нема да ја запре воената помош на Украина. Играјќи на таа карта тие свесно или несвесно, тоа историјата ќе го каже, ризикуваат натамошно потиснување од глобалната сцена.
Сѐ на сѐ, додека Европа во Русија гледа непријател, САД во неа гледаат можност за партнерство. Нешто што и Русија го посакува. Од тие причини таа, помеѓу останатото, галантно им понуди на САД и соработка во експлоатацијата на ретките метали. Всушност, во овој момент односите помеѓу Русија и САД се така поставени што доволно е само прекин на американската воена помош кон Украина, за да тие започнат да се развиваат по нагорна линија. Конечниот заклучок, сепак, ќе може да се донесе по најавената, од страна на претседателот Трамп, средба со претседателот Путин по неговите посети на Средниот исток, предвидени за мај месец, оваа година. Од друга страна, фактот дека двете страни работат на нејзино одржување, не само што ја потврдува нивната посветеност кон нормализацијата на односите. Тоа покажува и определба за затварање на другите светски или регионални прашања, кои директно ги засегнуваат нивните интереси.
Во овој момент тешко е да се предвиди дали и колку двете страни ќе посветат внимание на состојбите на Западен Балкан. За волја на вистината, руската страна, пред инвазијата врз Украина, побара од САД и НАТО да се разговара и за Балканот. Состојбите во Босна и Херцеговина, но и српско-косовските односи, не се закана за светскиот или поширокиот европски мир. Со самото тоа прашање е дали САД ќе сакаат да навелгуваат во ова прашање. Дотолку повеќе што интересите на Европската унија, се далеку поголеми од неговите. Посебно во однос на потребата постојано да се зборува за ширењето на руското влијание, а со тоа и загрозување на гео-стратешките интереси на Унијата. Во секој случај, македонската дипломатија, но и останатите органи задолжени за безбедноста на државата, треба да држат „отворени очи“. Не треба да се изгуби од предвид фактот дека евентуалното затоплување на американско-руските односи, нема да биде пречекано со одобрување од поголемиот број членки на Унијата. Некои од нив имаат аспирации за задржување, или ширење на сопственото влијание врз делови од Балканот. За да биде сликата заокружена, кон нив треба да се додадат и Турција и Обединетото Кралство.
Автор: Јован Донев за НетПрес