Над десет убиени во секташките судири близу Дамаск

Повеќе од десетина луѓе се убиени во вторникот во близина на сирискиот главен град Дамаск, во градот Џарамани, претежно населен со Друзи, во судири предизвикани од наводно видео на кое маж од заедницата Друзи го проколнува пророкот Мухамед, што ги разгневи вооружените исламистички сунитски групации соопштија спасувачките екипи и безбедносни извори.

Борбите претставуваат најнова епизода на смртоносното секташко насилство во Сирија, каде што стравот расте кај малцинствата откако исламистичките бунтовници го соборија поранешниот претседател Башар ал-Асад во декември, инсталирајќи свои владини и безбедносни сили.

Судирите започнаа ноќта во понеделникот кога вооружени мажи од блиската Малиха и други претежно сунитски области кои беа бастиони на џихадистичките групации во 13-годишната војна против власта на Асад, дошле во градот Џарамани, претежно населен со рузи, југоисточно од Дамаск, соопштија безбедносни извори.

Во борбите загинаа 13 лица, соопштија локалните власти. Меѓу загинатите се двајца припадници на Општата безбедносна служба на Сирија, нова безбедносна сила составена претежно од поранешни бунтовници, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Мустафа ал-Абдо.

Абдо негираше дека вооружени лица го нападнале градот и тврдеше дека наводно групи цивили, гневни поради снимката, организирале протест кој бил нападнат од групите Друзи.

Сириската војна, која трае сега речиси 14 години, ја подели земјата на различни зони на влијание. Друзите, арапско малцинство кое практикува еклектичка религија изведена од исламот, се кренаа на оружје за да ги бранат своите територии.

Новите исламистички власти во Дамаск, произлезени од групациите кои беа дел од џихадистичките организации Исламска држава и Џебхат ан-Нусра (сириското крило на Ал Каеда), побараа оружјето да им биде предадено под нивна контрола. Меѓутоа, Друзите, кои во граѓанската војна се држеа резервирано но беа понаклонети историски кон секуларниот режим на Асад, се спротивставуваат и тврдат дека властите во Дамаск не им гарантираат заштита од непријателските сунитски исламисти.

Соседен Израел изјави дека е подготвен да интервенира во Сирија за да ги заштити Друзите, од кои илјадници живеат и во Израел и на Голанската висорамнина, која Израел ја окупираше во Шестдневната војна во 1967 година.