Турција подготвенa да прими до 15 пациенти од трагедијата во Кочани за бесплатна долготрајна рехабилитација

Турција изразила подготвеност да прими и до 15 пациенти од трагедијата во Кочани за долготрајна рехабилитација, над една година, а тоа да биде бесплатно, информираше денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.

Таравари рече дека тој и премиерот Христијан Мицкоски имале подолг состанок со министерот за здравство на Турција, а една од темите била и трагедијата во Кочани.

– Се заблагодарив за тоа што го направија таму за нашите пациенти. Изразуваат подготвеност да третираат уште 10 до 15 пациенти на кои ќе им треба долготрајна рехабилитација, над една година и тоа да биде бесплатно. Во моментот, можеме 4 до шестмина пациенти веднаш да ги испратиме, доколку има потреба. Со тек на време, до максимум 15. Тоа е многу добра вест – рече Таравари, одговарајќи на новинарски прашања.

За време на посетата на Турција, како што посочи, посетил двајца пациенти кои биле контактибилни, а нивните родители биле задоволни од третманот и инсистирале таму да продолжи рехабилитацијата.

Шеесет и две лица го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, рано утрото на 16 март, а околу 200 се здобија со повреди, по што беа пренесени на лекување во болниците во земјава, но и во странство.