Артета: Ќе мора да одиграме нешто посебно во реваншот

Тренерот на Арсенал, Микел Артета, нагласи дека неговите фудбалери ќе мора да одиграат нешто посебно во реваншот против ПСЖ доколку сакаат да се квалификуваат за финалето на Лигата на шампионите, откако во вторникот вечерта беа поразени со 0:1 на домашен терен.

„Имавме многу шанси за гол, Мартинели и Тросард беа еден на еден против Донарума. Да постигнеа гол, сега ќе бевме во сосема поинаква ситуација. Но, голманот на ПСЖ реагираше добро и тоа прави разлика во натпреварувањата како Лигата на шампионите. Ќе мора да одиграме нешто посебно во Париз ако сакаме да стигнеме до финалето“, рече Артета по синоќешниот пораз во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите.

Францускиот шампион ја оствари победата со голот на Усман Дембеле во 4. минута од натпреварот. Ова е првпат од февруари 2016 година лондонските „Топчиите“ да не успеат да постигнат гол на „Емирати“ во натпревар од Лигата на шампионите.

Тренерот на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, ја истакна поддршката од навивачите:

„Имаше две ипол илјади наши навивачи, и ја чувствувавме нивната поддршка во секој момент, атмосферата на стадионот беше одлична. Добро го започнавме натпреварот, што дополнително ни ја зголеми самодовербата. Имаше периоди кога се мачевме, но моите играчи покажаа вистински карактер. Задоволни сме од резултатот и играта што ја одигравме, но можеме уште подобро и сите треба да го знаат тоа“, рече Енрике.

Еквадорскиот стопер Вилијан Пачо одигра добар натпревар во гостинската одбрана:

„Кога играме еден за друг, како вистински тим, тогаш никој не може да нè победи. Нашите навивачи беа одлични, можевме да ги слушаме целиот натпревар. Истото ќе биде и на ‘Паркот на принцовите’, ние играчите и нашите навивачи сме како семејство, па заедно ќе победиме“, рече Пачо.