
Кина состави список на производи произведени во САД кои ќе бидат ослободени од царините од 125 проценти и тивко ги известува компаниите за мерката, соопштија два извора запознаени со ова прашање, во уште еден сигнал од Пекинг дека сака да „ја намали температурата“ во трговскиот конфликт со САД.
Кина веќе одобри царински ослободувања за одредени производи, вклучувајќи некои лекови, микрочипови и авионски мотори. Пекинг, исто така, бара од компаниите список на клучни производи за кои сметаат дека треба да бидат ослободени од данокот, објави Reuters минатиот петок.
Таканаречената „бела листа“ е новина, забележува агенцијата.
Пекинг постојано нагласува дека е подготвен да се бори „докрај“ доколку Вашингтон не ги укине своите царини од 145 проценти за кинескиот увоз. Новите мерки не беа објавени со многу помпа, што им овозможува на властите да ја одржат својата остра реторика јавно, а истовремено да преземат конкретни чекори за подготовка на отстапки, забележува Reuters.
Сè уште не е јасно кои производи се на листата што властите не ja сподели со јавноста, ниту колку, изјавиле за Reuters два извора, зборувајќи под услов на анонимност бидејќи информациите не се јавно достапни.
Наместо официјално соопштение, државните власти контактираат со компаниите и ги информираат за листата на производи подготвени за ослободување од царините, изјавил за Reutes еден од изворите, вработен во компанија што продава лекови произведени во САД во Кина.
Компанијата беше известена за листата во понеделник од страна на владата на округот Пудонг во Шангај, рекол изворот, додавајќи дека компанијата лобирала за изземање, бидејќи ѝ е потребна американска технологија за некои од своите производи.
„Сè уште ни се потребни бројни технологии од САД“, истакнува изворот.
Друг извор за Reuters изјави дека од некои компании е побарано да контактираат со властите за да утврдат дали нивните производи ги исполнуваат условите за ослободување од царина.
Листата на такви производи, исто така, се чини дека станува сè подолга и подолга, забележува Reuters. Кина со тоа ги укина царините за увоз на етан од САД, објави Reuters во вторникoт. Големите компании за преработка на етан веќе побараа од Пекинг ослободување од царини, бидејќи САД се единствениот снабдувач.
Кинеските министерства за трговија и царина не одговориле веднаш на прашањата на Reuters во врска со информациите на изворот.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп ги иззема мобилните телефони, компјутерите и група електронски производи од новите царини, велејќи дека е подготвен за преговори. Сепак, според него, Кина мора да го направи првиот потег.
Пекинг, од друга страна, верува дека првиот потег треба да го направи Вашингтон, бидејќи тој започна лавина од царини. Кинеското Министерство за трговија, сепак, истакна дека одржува „работна комуникација“ со своите американски колеги.