
Кинеските производители на автомобили BYD и „Chery“ продаваат повеќе хибридни возила со приклучоци во Европската унија за да избегнат царини за увозот на електрични автомобили, покажаа податоците од истражувачката компанија Rho Motion објавени во петокот.
Европската комисија воведе дополнителни царини за увоз на електрични возила од Кина во октомври минатата година, поради, како што наведе, „неправедни субвенции“ за производителите. Пекинг, пак, посочи дека би можел да одговори со зголемување на царините за бензински седани и теренски возила со мотори со зафатнина поголема од 2,5 литри.
Царините за увоз на електрични автомобили произведени во Кина се движат од 7,8 до 35,3 проценти и ќе останат на сила до распуштањето на сегашниот Европски парламент во 2029 година. Највисоки царини се предвидени за електрични возила на батерии.
Електричните автомобили на BYD подлежат на царини од 27,5 отсто во ЕУ, а хибридните возила со приклучок за напојување (plug-in) на 10 проценти. Ова значи дека цената на електричниот модел Atto 3 на батерии во Германија се зголемува за 10.275 евра, а хибридниот Seal plug-in за само 3.999 евра, пресмета Rho Motion.
Во такви услови, кинеските производители ја прилагодија својата извозна стратегија и го префрлија фокусот на plug-in хибридите, земајќи ја предвид воздржаната реакција на Европејците на електричните возила на батерии.
Во март, BYD и Chery продадоа 3.269 односно 757 plug-in хибридни возила во ЕУ, соодветно. А само во јули 2024 година, нивната продажба беше речиси занемарлива, според истражувањето на Rho Motion.
Во вторник, BYD објави дека ќе лансира уште два plug-in хибридни модела на германскиот пазар. Во исто време, BYD речиси ја дуплираше продажбата на електрични автомобили во споредба со март минатата година, со продадени 4.633 возила.
„Chery“ продаде 310 електрични автомобили на батерии и 757 хибридни возила со приклучок, со основна царинска давачка од 10 проценти и дополнителна давачка од 21,3 проценти.
ЕУ воведе највисока царинска стапка за кинеската SAIC, од 35,3 проценти. И покрај овој висок намет, компанијата продала 52.508 возила на пазарите на ЕУ во првиот квартал годинава, што е зголемување од 52,7 проценти во однос на истиот период минатата година, според податоците од здружението на производители ACEA.
Растот на продажбата на хибридни модели, сепак, беше поблаг од оној на BYD и Chery, истакнуваат од Rho Motion.
„Беше само прашање на време кога производителите ќе најдат заобиколен пат кон пазарот. Го пронајдоа кај хибридите“,рече уредникот на Rho Motion, Диди Босток.