
На 30 април се навршија стоте дена од инагурацијата на Доналд Трамп, како претседател на САД. Човек кој во историјата ќе биде запаметен како 45 и 47 претседател на најмоќната светска држава. Правејќи споредба помеѓу своите два мандата тој ќе каже: „… Првиот пат се справував со две работи – да ја водам државата и да преживеам… Вториов пат јас ја водам државата и светот… Многу ми е забавно…“. За Трамп може многу работи да се кажат, но една е сигурна. Тој е искрен! Го води САД со апсолутна подршка од својата администрација, но и Конгресот. Тој е претседател кој, за првите сто дена од својот мандат, до сега има потпишано 146 извршни наредби. Само за споредба, во првиот мандат, за овој период има потпишано 33 такви наредби. Во историјата на САД, пред Трамп, само претседателот Рузвелт за првите сто дена има потпишано 99 извршни наредби.
Потпишувањето на волкав број на извршни наредби укажува на два момента. Првиот дека неговата администрација, за разлика од првиот мандат, работи по однапред подготвена програма. Во спротивно таа нема да може да изготви толкав број на извршни наредби, кои тој ги потпишува. Вториот е дека тој со ваквиот начин на работа, полека, но сигурно, ја истиснува законодавната власт. Мнозинството кое го поседува во двата дома на Конгресот, му овозможува вакво делување. Тој во моментов е апсолутен лидер на Републиканците. При ова, за да нема недоразбирања, извршните наредби на претседателот на САД имаа сила на закон. Разликата меѓу нив и законите е во тоа што тие можат да бидат укинати или сменети на ист начин. Ја немаат правната сигурност на законите.
Големиот број на извршни наредби, како и неуморната работа на неговиот прес-центар, но и неговото активно присуство на социјалните мрежи и средби со медиумите, го прават неговото владеење забавно, но само за него. Тоа е егоцентрикот Трамп. За само сто дена тој успеа да ги разниша темелите на уставниот систем на САД. Маргинализирањето на Конгресот е една работа, но обидите да се наметне и врз судската власт е сосема нешто друго. За прв пат во историјата на САД, претседателот влезе во отворен судир со судии. Едноставно, секоја пресуда која е поврзана со неговите извршни наредби тој ја користи за напад врз судијата, или судскиот систем. Ова најмногу се однесува на пресудите поврзани со депортација на имигрантите, но и на правата на трансродовите лица. Отиде и чекор понатаму. Влезе во вербален судир со шефот на Федералните резерви и побара негова оставка. Ова не му беше доволно. Тој им се закани на Универзитетите дека ќе им ги укине сите даночни олеснувања, но и дотации од владата, доколку не ја елиминираат академската слобода која дозволува и поинакви мислења од официјалните позиции на неговата администрација. Посебно во однос на анти-семитизмот. Започна да ја ретушира и културната историја на САД. Потпиша извршна наредба со која ги задолжи сите возачи на камиони да зборуваат на англиски. Согласно претходната наредба со која англискиот јазик го прогласи за официјален. Едноставно, Трамп превзема чекори со кои сака САД да го моделира согласно своите идеолошки замисли. И сето тоа сака да го стори за време на својот мандат. Цел, за која ја имаше подршката од мнозинството гласачи, но цел која заради брзината со која се реализира, но и притисокот врз независните институции, предизвикува збунетост. Не само кај обичниот гласач, туку и кај аналитичарите. Ветувањата за обединување на нацијата, за кои зборуваше и на инагурацијата, целосно се заборавени. Обидите на либералната јавност, но и на припадниците на Демократската партија, да ја запрат оваа лавина на извршни наредби и изјави во моментов, не даваат никаков резултат. Јавното мнение во САД има влијание врз работата на претседателот само доколку тој сака да се кандидира за уште еден мандат. Трамп е доволно свесен дека шансите за трет мандат, кој и уставно е дискутабилен, му се мали. Годините го газат!
Во моментов рејтингот на претседателот Трамп изнесува 42%. Тоа е најмал рејтинг на кој и да било американски претседател во неговите сто дена од владеењето. Нискиот рејтинг е пред се’ резултат на хаосот кој го создаде во светот со неговите одлуки за зголемување на царинските давачки на голем број на држави. Падот на американските берзи, на доларот, но и зголемувањето на каматите на државните обврзници, создаде несигурност не само во бизнис заедницата туку и кај обичните граѓани. Реакциите во светот исто така имаа свое влијание. Но, не и врз самито Трамп. Тој јавно изјави дека анкетите се лажни. Се прогласи за најдобар претседател кој Америка го имала до сега и објави дека со сите преземени чекори тој прави длабоки промени. Последново е апсолутно точно.
На внатрешен план, станува очигледно дека негова намера е САД да функционираат како корпорација. Се што не е неопходно, или е пречка во корпорацискиот начин на владеење, да биде отстрането. „Профитабилноста“ на администрацијата, преку намалување на расходите, станува носечки столб на внатрешните реформи. Досегашниот облик на американското општество, да биде ремоделиран, со препозналив акцент на католицизмот, семејните вредности и силен конзервативизам. Раст на средната класа, преку даночни олеснувања, но и намалување на сиромаштијата. Остварувањето на оваа цел ќе оди преку новите трговски договори, кои според неговите замисли, би требало да доведат до нова „американска индустриска и информатичка револуција“. Претседателот Трамп, не е изолационист. Станува јасно дека тој, како крајно десничарски националист, САД го замислува како „рај“ на планетава, во кој ќе може да влезат само избраните. Соработката со „рајот“, исто така, ќе биде ограничена. Фактот дека и Обединетото Кралство веќе не е сигурно во својата позиција на специјален сојузник, добволно јасно зборува за неговите намери.
На надворешен план, претседателот Трамп, успеа да го разниша, до колапс, целиот светски систем. За сто дена, односите со западните сојузници ги доведе до ниво на непрепознавање. Во Брисел, но и во главните градови на европските држави, веќе се појавуваат размислувања дека, и по завршувањето на неговиот мандат, односите со САД нема да можат да се вратат на старото ниво. За националистот Трамп, Европската Унија, како целина е непотребен трошок. Отворената подршка која неговата администрација ја дава на крајно десните влади, но и крајно десните партии, дава резултати. Крајната десница незапирливо маршира во Европа. Последните анкети покажуваат дека и во Обединетото Кралство, крајно десните националисти од Реформската партија се на чекор да го срушат доминантниот двопартизам. За Романија да не зборуваме! Нешто што до пред година дена беше незамисливо Логиката на Вашингтонската администрација е јасна. Колку се појаки карјно десните сили во Европа, толку нејзината внатрешната кохезивна сила ќе биде послаба. Истото се однесува и за НАТО. Разликата е само во тоа што тој сака, но и може, НАТО трошокот да го префрли на останатите земји членки. При тоа, се разбира, сака зголемените воени буџети да се трошат за купување на доминантно американско, а не европско оружје. Тактички, тој својата политика кон западните сојузници од Европа ќе ја продолжи и со преговорите за царинските давачки. Веќе сега се појавуваат знаци дека заеднички европски став тешко ќе може да се изгради.
Во своите замисли за „владеењето со светот“ тој игра на картата на миротворец. Преговорите со Русија, но и со Иран укажуваат на желбата за намалување и на воените расходи. Едноставно постигнувањето на примирје помеѓу Русија и Украина, како и договор за иранската нуклерана програма, ќе ја стабилизира состојбата во Европа, но и на Блискиот исток. На тој начин тој ќе биде во состојба да повлече дел од војските од Европа, но и на Израел да му обезбеди сигурност. Целата америчка моќ ќе може слободно да ја насочи кон Пацификот и Кина. Дополнително, ќе им го покаже „своето“ место на европските големи сили.
Западен Балкан, но и целиот Балкански полуостров е далеку од оваа игра. Обидите на одредени балкански држави, да се приближат кон американската администрација, сега за сега се без некој поконкретен резултат. Притисокот на Грција, државниот секретар Рубио да ја посети, во втората половина на оваа година, како и посетата на српскиот претседател на Флорида и средбите со републикански лидери, секој од свои побуди, ги следат чекорите на македонската влада. Различните балкански држави всушност и немаат на располагање поголем број на опции. Балканските членки на Унијата ја немаат позицијата на Италија. Тие се наоѓаат во ситуација на исчекување. За разлика од нив, земјите кандидати за членство во Унијата, освен Србија, доброволно прифатија безпоговорно да ја следат политиката на Унијата. Резултатот не само што изостанува, туку и станува се понеизвесен. Нивните национални интереси им наложуваат да ја разигруваат американската карта. И тоа е добро. Посебно за Македонија. Досегашниот став дека Македонија нема план „Б“ беше потполно неразумен. Надворешната политика, самата по себе, побарува повеќе планови, а со тоа и повеќе можности за игра. Се’ друго е имитација.
Автор: Јован Донев за НетПрес