Голема награда на Мајами: Најдобрата стартна позиција за Верстапен

Четирикратниот светски шампион во Формула 1, Макс Верстапен (Ред Бул), ќе ја започне трката за Големата награда на Мајами од пол-позицијата втора година по ред, откако ги надмина сите свои ривали во третиот дел од квалификациската сесија во саботата ноќта и го постави најбрзото време (1:26,204 минути).

Новопечениот татко, 27-годишниот холандски возач, ги подобруваше своите времиња од круг во круг, а најдоброто го чуваше за последното возење на патеката до стадионот „Хард Рок“ во Мајами, иако по вториот дел од квалификациите се чинеше дека ќе биде зад двата Мекларена.

Неколку часа претходно, Ландо Норис и Оскар Пјастри ги освоија првите две места во хаотична спринт трка, која Верстапен ја заврши на 17-та позиција поради рано излегување од боксот и судир со Кими Антонели (Мерцедес).

Сепак, во последниот дел од квалификациите не успеаја да го надминат светскиот шампион, кој ја освои пол-позицијата по третпат оваа сезона.

Норис (Мекларен) имаше побавен круг за 65 илјадитинки и ќе биде покрај Верстапен во првиот ред, но малку недостигаше да биде во вториот, бидејќи младиот Италијанец Кими Антонели имаше полошо време само две илјадитинки, што му го донесе третото место во квалификациите.

Заедно со Антонели на вториот ред ќе биде Австралиецот Оскар Пјастри, лидерот во пласманот кај возачите по пет трки и победник на последните две трки (во Бахреин и во Саудиска Арабија).

Британецот Џорџ Расел (Мерцедес) и Шпанецот Карлос Саинц Џуниор (Вилијамс)се изборија за третиот ред, а на четвртото место ќе бидат Тајланѓанецот Александар Албон (Вилијамс) и Шарл Леклер, кој беше изоставен од спринтерската трка бидејќи неговото Ферари се изврте на дождливата патека на патот кон почетната позиција.

Иако го освои третото место во спринт трката, седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон (Ферари) не стигна до третиот дел од квалификациите, бидејќи остана на 12-то место во вториот дел, или втор под линијата, и ќе стартува само од шестиот ред.

Големата награда на Мајами во недела ќе започне во 22 часот по централноевропско време.