Поради политичкото шарлатанство луѓето го изгубија вкусот за вистината?!

Можеме да се справиме со лажењето на политичарите, но не можеме да си го дозволиме ризикот да им дозволиме да ја делигитимизираат вистината. Не можеме и не смееме повеќе да дозволиме да престанеме да размислуваме за фактот дека јазикот не е само средство за факти, бројки, стратегии, демонстрации и побивања, туку и носител на вредности. Поради таа причина, мора да се препознае важноста на она на што се однесуваат информациите што ги управуваме. Не можеме да прифатиме се.

Велат дека лагата може да помине половина пат низ светот додека вистината ги облекува чевлите. Социјалните медиуми, политиката и лажните вести во моментов ја демонстрираат реалноста на таа идеја и нејзините последици. Живееме во свет на пост вистина во кој границата помеѓу вистината и лагата е избришана, фактите и поврзаните наративи се намерно произведени, емоциите се поважни од знаењето, свет кој се цепи на колективно прифатени реалности во општеството. Еден начин да се разбере разликата помеѓу лагите и пост вистината е дека лажливецот негира специфични факти кои имаат прецизни координати во просторот и времето, додека пост вистината ја доведува во прашање самата природа на вистината. Пост вистина е матен концепт, но не треба да се меша со лага. Префиксот „пост“ во пост вистина се однесува на тврдењето дека одредена идеја станала излишна и затоа може безбедно да се отфрли. Пост вистина е верување дека вистината повеќе не е суштинска и станала застарена.

Македонија ја живее реалноста на пост вистина од својата независност каде политиката и вистината не се мешаат, иако феноменот е релативно нов (2016). Во нашата нова нормалност на пост вистина во Македонија експертите се отфрлаат, алтернативните факти се нудат (понекогаш очигледно), а јавните личности можат да понудат мислења за речиси сè. Во голем дел од јавниот дискурс се стана поважно од аргументите, гледаме недостаток на интерес за докази, или уште полошо, ерозија на довербата во фундаменталните норми околу одговорноста на луѓето за работите што ги кажуваме. Реално, на Македонија никогаш не и била туѓа политичка средина каде што објективните факти се засенети од субјективни емоции и верувања. Во ваков политички пејзаж ние оддамна ги избришавме границите помеѓу вистината и лагата, дозволувајќи им на политичарите да манипулираат со информации со мешање на погрешни тврдења со факти, за да создадат наративи што емоционално резонираат со јавноста. Концептот на Платон за „благородна лага“, сигурно e оној омилениот на нашиве политичари (иако верувам дека никогаш не прочитале за него), бидејќи ги предизвикува традиционалните поими за објективност и ја претставува реалноста како комплексна интеракција на субјективни искуства. Во Македонија политиката стана способна да создаде многу видови реалност во кои се потешко се снаоѓаме.

Политиката оддамна јавно ги погреба објективните факти, но, разочарувачки е што кај нас секогаш постојат делови од населението кои се подготвени да ги игнорираат фактите, па дури и доброволно да прифатат очигледни лаги. Сега гледаме, кој може да види, дека новата реалност на пост вистина денес е многу позаобиколна и поопасна за демократското ткиво на нашето општество од порано. Кога имате водвилски ликови во политиката, какви што имавме ние, кои станаа вистински трговци со пост вистината, експлотатори на довербата и уметници на демагогијата за достоинство и подобар живот, промената на името на државата и влегувањето во НАТО алијансата беше доминирана од лаги и емоции наместо факти. Очигледно дека префиксот и општество на пост вистина за Македонија стана многу повеќе од забава, или „уметност на измислица“ или „диктатура на илузија“. Очигледно во рацете на политичките шарлатани разликата помеѓу вистината и лагата не беше важна. Шарлатаните во политиката кај нас немаа намера да ја претставуваат реалноста погрешно, туку едноставно немаа никакви намери кон реалноста. Нивните намери беа фокусирани исклучиво на себе, на површноста на нивните проекти или, во случај на одредени медиуми или корисници, на сопствената пропаганда. Сепак, шарлатанот не се грижи за ова, а овој став предизвика голема штета, токму онаква кава што предизвикаа во Македонија со промената на името на државата во нивната ера на пост-вистина.

Ако живееме во време на пост вистина, тоа е затоа што за одредени прашања шарлатаните во политиката направија луѓето да го изгубат вкусот за вистината. Но, демократијата има потреба од вистина, или барем обид да ја пронајде вистината. Можеме да се справиме со лажењето на политичарите, но не можеме да си го дозволиме ризикот да им дозволиме да ја делигитимизираат вистината. Не можеме и не смееме повеќе да дозволиме да престанеме да размислуваме за фактот дека јазикот не е само средство за факти, бројки, стратегии, демонстрации и побивања, туку и носител на вредности. Поради таа причина, мора да се препознае важноста на она на што се однесуваат информациите што ги управуваме. Не можеме да прифатиме се. Размислувањето за тоа дали ја почитуваме вистината и обидот да избегнеме манипулирање со неа по нечија желба ќе ни овозможи да ја вратиме нејзината вистинска вредност. Теоријата на Кондорсе од осумнаесеттиот век дека на нецензурираниот пазар на идеи вистината на крајот ќе победи, можеби го добива својот најдефинитивен тест денес.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес