Repetitio est mater studiorium

Повторувањето е мајка на знаењето, за нештата да не се заборават, искажано во моите пишувања. Да, повторам за оние од „Европскиот фронт“ – криминален фронт кој го водеа ДУИ-СДСМ-АА, односно оние кои владееја повеќе од седум години со институциите во Македонија, а сега се во опозиција.

Поранешниот холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп ги прашуваше: Каде се парите што ви ги дадовме? Ова прашање не беше поставено на обичниот македонски граѓанин, туку на оние на „Европскиот фронт“ на Владата на ДУИ-СДСМ, АА, кој им порача: „Одењето напред може да се постигне само ако има владеење на правото, демократијата и почитување на  човековите права“, ќе додаде Дирк Јан Коп.

Какви беа институциите што го водеа ДУИ-СДСМ-АА?

Во тие седум години институциите беа ДНО-ДНА, нефункционални, криминални, корумпирани, непотистички, не владеeше правото и правниот систем и немаше никакви реформи.

Образованието беше такво каков што беше министерот Јетон Шаќири – лаже – суши. Тој не бил виновен што учениците немале учебници. Биле виновни Бирото за развој на образованието (БРО) што нема учебници. Па, тие возвраќаат дека вината е во МОН. Несериозни, си играа мајтап. Таква беше целата Влада. Поранешната претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Бендевска е опомената од Владата на ДУИ-СДСМ, ако поднесе кривична пријава против министерот Јетон Шаќири, што вршел отворена дискриминација кон учениците, кои немаат учебници и нема еднаквост кон другите ученици, согласно законската регулатива и согласно меѓународната Конвенција за детски права, треба да размисли? Па опа, за ова им се одземаат работните простории!!! Ова е опомена за Бендевска и другите членови на КСЗД, дека ќе ги снајде најлошото. Па Бендеска и тие во КСЗД се повлекуваат. Иста е состојбата и со Народниот правобранител, се јавуваат, па ги нема нигде. Од Владата ги опоменуваат, да размислат во спротивно ќе немаат доволно буџетски средства за функционирање, ако многу говорат! Македонскиот хелсиншки комитет, реагира селективно, зависно што ќе им каже претседателот Пендаровски. А, овој пак, како мисир молчи, како и Ковачевски и така по ред.

Здравството е во колапс. Скандал до скандал. Не е само онкологија. Нешто започна, но кога се очекуваше истрагата да се прошири и да се изведат лицата пред лицето на правдата, се се’ забошоти… Здравството е во кома!

Министерството за економија, водеше „силна економска политика“. ДУИзација на економијата.

Министерството за земјоделие, водеше „силна земјоделска, аграрна политика“. Постоеше формално! Најмалку се грижи за земјоделците!. Каде одеа субвенциите?

Да не се заборави Министерството за внатрешни работи на чело со Оливер Спасовски, „немаше многу криминали“, само издадени пасоши на видни белосветски криминалци, вина и одговорност господинот министер не сноси, вината ја насочија на „хигиеничарките“ и обичните службеници и… Министерството за одбрана е посебна приказна за раскажување, тендери и слично.

Во што напредуваа институциите на ДУИ-СДСМ-АА?

Најмногу што напредуваа институциите се’ во криминалот, корупцијата, непотизмот, и немање правен систем! Тоа е вредносниот систем по институциите да си корумпиран! А, она за добро поведение на Грковска е „дрндупка“. Постои, нишај врата – земај плата – корупцијата, криминал цвета!.

Со смислениот и донесениот  криминален – неевропски Кривичен законик, во Македонија ќе нема повеќе казнивост за функционерите…туку за  македонската раја! Ова e трулеж на системот!

Меѓународните институции, констатираат дека Македонија по перцепција на корупцијата и криминалот се наоѓа на високата ранг листа. Мизериите што владеат во владата по институциите, агенциите, разни второстепени владини комисии си го гледаат само својот финансиски и партиски интерес, а најмалку за интересот на граѓаните и библиска Македонија.

Судирот на интереси  на ДУИ-СДСМ-АА

Зарем може да се одбрани или прикрие непотизмот и судирот на интереси, односно, конфликт на интереси и сомнеж на коруптивност, каде што сопругата на довчерашниот премиер Ковачевски, на владина седница, носат одлука фирмата на која удел има неговата сопруга да добие државно земјиште по цена од 70 денари од м2 за изградба на фотоволтаична централа и таа владина одлука ја потпишува никој друг, туку Артан Груби. На сето ова, поранешниот премиер Ковачевски не гледа судир на интереси со влијание и ќе изјави дека: „Тоа е нејзина инвестиција“? Срам од еден недостоен премиер. По примерот  на овој недостоен премиер, го следи оди и Али Ахмети со неговиот син кој влегува во бизнис со струја, па неговиот внук, зет…! Во бизнис со електрична енергија влегува и синот на поранешниот премиер Зоран Заев, па братот на Артан Груби со деловен простор. Посебна е приказната со Коридорот 8 и 10 кој го водеше Артан Груби. КРИМИНАЛ! Со ваквиот „европскиот фронт“- ДУИ-СДСМ-АА го потврдија криминалниот фронт на владеење.

Повторно би го истакнал поранешниот холандски амбасадор во Македонија, Н.Е. Дир Јан Коп, кој истакнува како се практикува правниот систем во Македонија и средбите кои ги имал со првите луѓе на Врховниот суд, со кои го запознаваат со активностите на судот во кој му говорат за: „Исполнување на обврските од реформската агенда, нагласуваќи дека: „Судовите како носители на судската власт треба да функционираат навистина независно, самостојно, транспарентно, а во однос на  граѓаните да обезбедиме високо професионално, чесно, непристрасно и ефикасно судење“. Да, ама во  правна држава така треба да биде! Но овие македонски правосудни институции тоа не се! А за тоа холандскиот амбасадор Н.Е. Дир Јан Коп Дир, добро ги знае состојбите во правосудството, тука  е и австрискиот амбасадор, евроамбасадорот Гир и американската амбасадорка во Република Македонија.

За спроведување на реформите во судската област,  она што  очекуваат граѓаните, а и Холанскиот амбасадор, говори: „неминовно е имплементирање и резултати од реформите, со цел враќање и надградување на довербата на граѓаните во судските институции. Тоа судството не го испорачува“.

Судството ни е претворено во градинка на децата на судиите и обвинителите

Repetitio est mater studiorium – Повторувањето е мајка на знаењето, Наместо судството да биде заштитник на интересите на граѓаните преку ефективна судска заштита на правата на граѓаните, таа е претворено во „градинка” на децата на судиите и обвинителите, на техничкиот премиер „Ајштајн“ каде тие се егзистенцијално вдомени (со исклучок на поединци кои со учење, знаење и квалитет се дел од оваа организација) и ги уживаат благодетите на власта. И тоа со високи плати, зголемени за над 70%!

А граѓаните во Македонија повеќе од 500 илјади, се на работ на социјална егзистенција и сиромаштија!

Довербата на граѓаните во правосудството не е повеќе од 1 до 2% (отсто) состојбите во македонското судство се загрижувачки.

Да  се потсетиме за состојбите кај Судскиот совет, каде што, исто така, кадрите на ДУИ за да ги заштитат свои судии го растураат ова тело. Целта е да не се разрешат судии кои се блиски на СДСМ и ДУИ! Како што може да се види успеваат во таа цел. Никој не зборува за разрешување на конкретни судии за кои е утврдена одговорност за работењето! Оние кои имаат пари, оние кои се платени со тие пари, се тие кои што ја хранат корупцијата и со тоа конкретно ни ја уништуваат државата.

Затоа, Холандија стави  во мирување проект за Судскиот совет поради тие  случувања. Станува збор за „проект во вредност од милион евра за зајакнување на ефиксноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет“. Со право констатираат и укажуваат дека: „ Причината за тоа е влошувањето на состојбите во правосудството и дека Холандија тоа прашање го гледа како централно на кое ќе му се посвети внимание со последните случувања во Судскиот совет како преседан“.

Овие   загрижувачки криминални состојби што се случува со третата власт, кој е под диригентска палка на Извршната и Законодавната власт (ДУИ-СДСМ)! Затоа, извршната и законодавната власт (ДУИ-СДСМ) декларативно се залагаат за влез и барање под европско сонце, кога во практиката институциите  се однесуваат како „диви племиња“

Евроинтеграциските процеси и дипломатијата на ДУИ-СДСМ

Ланската година (2024г.) Тирана беше  домаќин на состанокот во рамките на Берлинскиот процес, на кој се собраа сите европски челници  ставајќи ја Албанија во улога на предводник на европските интегративни процеси во регионот.

Сето ова може да се препише на способноста на албанската дипломатија, загрижува фактот што Македонија и покрај сите отстатпки што ги направи не успеа да се наметне како некаков фактор и да издејствува сличен состанок  во Скопје, наместо да биде само место каде што европските челници ќе доаѓаат  постојано да испорачуваат нови барања и да инсистираат нови отстапки.

Тука треба да се бараат причините зошто Македонија е заобиколена од вакви крупни настани, бидејќи земја што се откажа од државните симболи, уставното име, а сега се пазари и за идентитетот, јазикот и историјата, не може да ужива некаков кредибилитет во очите на меѓународната заедница, а уште помалку да биде предводник на другите. Ако при тоа се додаде и сервилната македонска надворешна политика, тогаш од јасно е зошто македонските политичари ќе бидат само гости во околните земји, гледајќи како  тие одат напред и ги остваруваат европските перспективи, додека Македонија и натаму останува уценета и заглавена.

Европската Унија со јасни пораки

Од состанокот во рамките на Берлинскиот процес, ЕУ недвосмислено порача дека – Проширувањето на ЕУ ќе се случи во оној момент кога земјите кандидати ќе ги спроведат неопходните реформи, а во меѓувреме она што треба да прават е меѓусебно да соработуваат регионално на сите  полиња.

Ова беше главна порака што ЕУ ја испрати во рамките на Берлинскиот процес, што се одржа во Тирана, јасно демонстрирајќи дека проширувањето, ако воопшто ги има како што ги имаше во досегашниот формат, ќе има тогаш кога ќе одлучи Унијата, а не кога посакуваат кандидатите.

Во меѓувреме Брисел нуди финансиска помош и пристап до единствениот европски пазар како сатисфакција за тоа што не може да вети – проширување во скоро време.

Финансиското врзување оди во иста линија со плановите за Европската економска и политичка заедница (ЕЕПЗ), со што би требало да се формира двостепено европско тело и форма на алтернатива за полноправно членство.

Како манипулираат македонските политичари

Домашните „политичари“ (Маричиќ, Османи и други неранимајковци) поинаку ги прикажуваат  работите, употребувајќи наратив од типот дека проширувањето само што не се случило и дека  се гледа на хоризонтот, суровата реалност уште еднаш без никакви дипломатски ракавици и задршки ја преставува холандскиот премиер Марк Руте, чиј став  и натаму  останува конзистентен дека не треба да се лицитира со датуми и рокови околу проширувањето, туку секоја земја мора да се  посвети  исклучиво на внатрешни реформи. Со други зборови, реформските процеси, Македонија едноставно самата ќе си го резервира столчето во чекалницата на ЕУ, без оглед дали ќе направи или не уставни измени, односно дали ќе ги внесе  или не Бугарите во Уставот.

Уставните измени ќе овозможат само одржување меѓувладина конференција на Македонија и ЕУ, фотографирање меѓу македонските и европските челници, убави зборови за некаква европска иднина и ново замирање на евроинтегративниот процес на подолг рок.

Причината за тоа треба да се бараат исклучиво кај домашните политички елити, кои упорно одбиваат да започнат  со реформски процеси оти знаат дека е болна и влијаат врз нивниот политички рејтинг. Затоа се одложува со реформите и се владее исклучиво со популизам, само да се задоволат личните и партиски интереси, но не и државните и оние на граѓаните.

Што значеа пораките од Тирана за Македонија?

Пораките значеа ново вето, овој пат европско, не затоа што не ги направиле уставните измени, туку затоа што продолжуваат да ги игнорираат повиците за внатрешни реформи. И натаму нема владеење на правото, политиката е навлезена во сите правосудни пори, корупцијата и криминалот дополнително се стимулираат со носењето  на измени  на  кривичниот законик, институциите и натаму се партизирани и нефункционални, постојано се злоупотребува европското знаменце, законите не се имплементираат, здравството е во кома, образовниот систем произведува  необразовани кадри, а економијата тоне се подлабоко во амбисот во кој ја влечат лошите држави економски  политички, кои наместо развој, креираат амбиент на дополнително казнување на успешните компании. Затоа и единствено нешто што го доби земјава на состанокот  во рамките на Берлинскиот процес, беа само охрабрувањето да останат на европскиот пат.

Пораката на поглаварот Господин господин Стефан

Ќе завршам со говорот на поглаварот на МПЦ-ОА, Господин господин Стефан, на чествувањето на 152 години од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, ќе рече:

„ Споменот за Гоце останува и љубовта кон него не се намалува. Не треба да размислуваме само колку се гордееме со Гоце, туку и колку тој се гордее со нас, дали не смета за родољупци подготвени да ги бранат неговите аманети. Гоце и многубројни комити и борци се дадоа за слобода на татковината, а што дадовме ние. Љубовта кон татковината се потврдува само со дела, крајно време е дека Македонија не е само географија, туку библиска земја со своето име“, истакна поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан

Да, овие големи и свети зборови на поглаварот на МПЦ-ОА на  Господин господин Стефан, дали ги сфатија и почувствуваа Пендаровски, Ковачевски, Маричиќ и други од власта. Сигурно не! Тие го прекршија аманетот на Гоце!.

Затоа, македонските граѓани на претседателските и парламентарни избори после 8 мај ланската година, на овие прекршители на аманетот на Гоце, се најдоа на буништето на историјата. И никогаш да не се појават.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес