Шојгу: НАТО и ЕУ подготвуваат директен воен конфликт со Русија

НАТО и во Европската унија започнаа програми насочени кон подготовка за директен воен конфликт со Русија, изјави секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, во авторска статија за „Росијска газета“.

„Европските елити, кои истовремено се охрабрени од Лондон и Париз под нивно покровителство, продолжуваат да даваат гласни изјави за потребата да и се нанесе стратешки пораз на Русија. Но не само тоа. Заедно со оваа досадна врева, НАТО и Европската унија започнаа програми насочени кон подготовка на колективниот Запад за директен воен конфликт со Русија“, посочи Шојгу.

Според него, ваквите „агресивни чекори, како и континуираното напредување на НАТО кон исток, кон границите на Русија, се оправдуваат со русофобични измислици во најдобрите традиции на гебелсовата пропаганда“.

Во сегашните околности се зголемува улогата на Советот за безбедност на Русија во организирањето на државната и воената администрација, додаде Шојгу.

„Советот за безбедност е единственото тело со кое, во согласност со Уставот на Русија, раководи лично претседателот на Руската Федерација“, посочи тој.

Тој истакна дека Русија посветува големо внимание на развојот на националниот одбранбен систем во услови на хибридната војна што ја започна Западот.

„Денес, во услови на хибридната војна што Западот ја започна против нашата голема татковина, државната и јавната безбедност, заштитата на суверенитетот на земјата, нејзината независност и територијален интегритет се од фундаментално значење“, посочи Шојгу.

Шојгу изјави дека западните разузнавачки служби започнале големи субверзивни активности против Русија, обидувајќи се стратешки да ја поразат.

Тој додаде дека, покрај ова, „се воведуваат невидени економски санкции, дизајнирани да ги интензивираат протестните расположенија во општеството во светло на значителното влошување на квалитетот на животот на руските граѓани“.

Според него, текот на специјалната воена операција во Украина значително влијаеше на рамнотежата на силите на глобално ниво.

„Главните закани за безбедноста на нашата земја се нападот на нејзиниот државен суверенитет, независност и територијален интегритет, ерозија на традиционалните духовни и морални вредности на руското мултинационално општество. Одлуката за специјална воена операција во Украина донесена за сузбивање на овие закани и нејзиниот курс значително влијаеше на рамнотежата на силите на глобално ниво“ – истакна Шојгу.