
Ватикан во понеделникот вечерта објави дека ќе го исклучи телефонскиот сигнал за мобилните телефонски мрежи за време на конклавата за избор на нов папа, што нема да важи за Плоштадот на свети Петар.
Ватикан соопшти дека „од среда, 7 мај во 15:00 часот, сите системи за пренос на телекомуникациски сигнали за мобилни телефони на територијата на државата Ватикан… ќе бидат деактивирани“.
Сигналот повторно ќе биде вклучен по објавувањето на изборот на папата, се вели во соопштението, кое го цитира AFP.
Прекинот на сигналот нема да се однесува на Плоштадот на свети Петар, изјави за новинарите портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.
Илјадници верници се очекуваат на плоштадот пред базиликата на свети Петар во исчекување на објавувањето на наследникот на папата Франциско, кој почина на 21-ви април.
Вкупно 133 кардинали под 80 години, кои ќе го изберат новиот папа, пристигнаа во Рим за конклавата што започнува во среда, објави Ватикан претходно во понеделникот.
Во среда во 16:30 часот, кардиналите ќе се соберат во Систинската капела и ќе започнат со гласање, кое ќе трае сè додека еден од нив не добие двотретинско мнозинство и не стане нов лидер на 1,4 милијарди католици во светот.
Ватикан објави дека кардиналите ќе мора да ги предадат своите телефони за време на нивниот престој.
Црковните високодостојници ќе се повлечат во Систинската капела, каде што нема да им биде дозволен контакт со надворешниот свет.
Потребно е двотретинско мнозинство за избор на наследник на Франциско во процес што може да трае со денови или дури и седмици.
Светот дознава дека папата е избран кога едно службено лице ги гори гласачките ливчиња со специјални хемикалии, а од оџакот на капелата се крева бел чад. Други хемикалии се користат за создавање црн чад што објавуба дека гласањето не го дало новиот папа.
Високопозициониран кардинал конечно излегува на централниот балкон на базиликата на свети Петар за да објави „Habemus Papam“ (Имаме папа).
Потоа новиот папа се појавува на балконот и ја благословува толпата на плоштадот пред базиликата.