
Берзанските индекси пораснаа на Волстрит во среда, благодарение на зголемувањето на цените на акциите на производителите на чипови, додека американската централна банка ги остави каматните стапки непроменети.
Индексот Dow Jones порасна за 0,70 отсто на 41.113 поени, додека S&P 500 порасна за 0,43 проценти на 5.631 поен, а индексот Nasdaq порасна за 0,27 отсто на 17.738 поени.
Во текот на целата трговска сесија, индексите се менуваа меѓу позитивна и негативна територија, само за да пораснат кон крајот на тргувањето, по веста дека владата на претседателот Доналд Трамп има намера да ги олабави ограничувањата за производство на чипови за вештачка интелигенција.
Како резултат на тоа, цените на акциите на производителите на чипови значително се зголемија, при што индексот PHLX за тој сектор заврши со раст од 1,7 проценти, иако во текот на денот беше во пад од околу 1 процент.
Инвеститорите беа фокусирани на изјавата од челниците на американската централна банка, по нивниот дводневен состанок на кој, како што се очекуваше, ги оставија клучните каматни стапки непроменети, во опсег од 4,25 до 4,50 проценти.
Во соопштението за медиумите се наведува дека ризиците од зголемување на невработеноста и инфлацијата се зголемени. Накусо, воведувањето царини ѝ се заканува на американската економија со забавување, со истовремено зголемување на инфлацијата. Федералните резерви треба да ги намалат каматните стапки поради забавувањето на економијата, но не можат да го сторат тоа бидејќи се очекува инфлацијата да се зголеми.
Претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, ја отфрли можноста за превентивно намалување на каматните стапки на прес-конференција, бидејќи инфлацијата ќе продолжи да се движи над целните нивоа на Федералните резерви.
„Ова не е ситуација каде што можеме да дејствуваме превентивно, бидејќи навистина не знаеме кој би бил правилниот потег сè додека не ги видиме идните економски показателии“, рече Пауел.
Исто така, истакна дека луѓето и претприемачите се несигурни, но дека економијата останува здрава.
На пазарите и во економијата владее неизвесност од 2 април, кога Трамп воведе реципрочни царини. Оттогаш, тој ослободува некои царини, менува некои, најавува нови… Во исто време, се водат преговори со многу земји за идните трговски односи и царини.
Ова, велат аналитичарите, им отежнува на претприемачите да донесуваат одлуки за понатамошни инвестиции, вработување… И поради ова, се очекува економскиот раст да забави, додека инфлацијата би можела да се зголеми поради повисоките цени на увезените производи.
И на европските берзи, цените на акциите вчера паднаа. Лондонскиот индекс FTSE ослабе за 0,44 проценти, на 8.559 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 0,57 проценти, на 23.115 поени, а парискиот CAC за 0,91 процент, на 7.626 поени.