
Цените на нафтата пораснаа на меѓународните пазари во петокот кон нивото од 64 долари, со оптимизам кај инвеститорите пред трговските разговори меѓу САД и Кина во швајцарска Женева најавени за сабота.
На лондонскиот пазар цената на барелот беше за 84 центи повисока попладнево отколку на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 63,68 долари. Цената на барелот порасна за речиси ист износ и на американскиот пазар, каде што се тргуваше по цена од 60,79 долари.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно денеска објави дека во четвртокот барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки поевтинил за 78 центи на 62,09 долари.
Расположението на пазарите оваа седмица беше обележано со најавената средба меѓу кинеските и американските претставници во Женева. Американскиот министер за финансии Скот Бесент и главниот трговски преговарач Џејмисон Грир ќе се сретнат со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг во Женева во сабота за да разговараат за трговијата, соопшти Вашингтон, а кинеското Министерство за трговија ја потврди информацијата.
Сегашната ситуација на дефакто трговско ембарго е неодржлива, истакна Бесент, и во интерес на двете страни е да ја решат. „Не сакаме да се одвојуваме, сакаме фер трговија“, нагласи американскиот министер, истакнувајќи дека одлуката за темите на разговорите ќе биде донесена на лице место.
Најавените разговори меѓу САД и Кина „дефинитивно“ имаат позитивно влијание врз цените на нафтата, бидејќи ризикот од рецесија поради моменталните екстремно високи царини е зголемен, смета Бјарне Шилдроп од SEB.
Забавувањето на економската активност значи и послаба побарувачка за нафта.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека Кина треба да го отвори својот пазар за американските компании. Тој истовремено истакна дека би било „соодветно“ да се воведат царини за кинески стоки со стапка од 80 отсто. Моментално тие подлежат на царина од 145 проценти.
Пекинг, од друга страна, во серија епизоди на интензивирање на трговската војна чиј повод беше американските „реципрочни“ царини, ги зголеми двачките за увоз од САД на 125 отсто.
И Пекинг и Вашингтон сакаат да ги намалат тензиите, што има позитивно влијание врз пазарите, но веројатно нема да се постигне договор толку брзо, велат аналитичарите. Тензиите веројатно ќе бидат ублажени со податоците од кинеската царинска администрација за значително намален суфицит во трговијата со САД во април, забележува Reuters.