
Европската комисија го одобри францускиот план во износ од пет милијарди евра за поддршка на извозниците на вино и жестоки пијалоци во САД преку програмата за реосигурување на извозни кредити, истакнувајќи дека е подготвена да прифати слични барања од други земји-членки со оглед на „можниот недостиг од извозни кредити на ниво на Унијата“.
Француската влада сака да им овозможи на извозниците да испорачуваат производи во САД со поддршка на механизам за реосигурување, нудејќи им на осигурителите преку државната инвестициска банка „BPIFrance“ краткорочни гаранции во вредност од пет милијарди евра за полиси за трговски и политички ризик.
Париз ги воведе мерките на 8 мај и има намера да ги укине на 8 јули.
Целта е да им се помогне на извозниците да ги достават производите во САД пред да стапат во сила најавените царини, соопшти Европската комисија во четвртокот, одобрувајќи го францускиот план според правилата за државна помош.
Француските извозници во моментов не се во можност да обезбедат пратки во САД поради недостиг од полиси за осигурување на извозни кредити во Европската Унија, се вели во образложението на одлуката од Брисел.
Француската банка „Cap Francexpor“ затоа доби зелено светло да ги вклучи САД на списокот земји опфатени со програмата за извозни кредити, во периодот од 8 мај до 8 јули.
„Комисијата брзо одговори на барањето на Франција да биде одобрена за програмата за реосигурување на извозот“, нагласи потпретседателката на ЕК, Тереза Рибера, во соопштението.
Брисел не прецизира во соопштението кога Париз го испратил барањето.
„Со оглед на можниот недостиг на кредити за извозни операции со САД во тој период, Комисијата ќе го примени истиот пристап кон сите слични идни случаи пријавени од земјите-членки“, додаде Рибера.
САД се најголемиот пазар за француските винари и производители на жестоки пијалоци, со вредност на испорака од 3,8 милијарди евра во 2024 година.
На почетокот од април, американскиот претседател Доналд Трамп објави „реципрочни“ царини за трговските партнери со кои САД имаат долгорочен трговски дефицит. Увозот од ЕУ треба да подлежи на царини од 20 отсто. Трамп потоа ги суспендираше царините за 90 дена за да обезбеди доволно време за преговори.
Во четвртокот Европската комисијата објави дека би можела да возврати со царински давачки за увоз на стока од САД во вредност од 95 милијарди евра.
САД беа најголемиот пазар за стоки од ЕУ минатата година, со удел од 20 отсто во вкупниот извоз, според податоците од Европскиот завод за статистика. Во 2024 година, ЕУ забележа суфицит во трговијата со САД од 198,2 милијарди евра.