
Израелската војска во петокот објави дека пресретнала ракета лансирана кон нејзина територија од Јемен, а милицијата Ансаралаа на шиитското хутистичко движење ја презеде одговорноста за нападот.
Ракетирањето доаѓа неколку дена откако Оман објави дека посредувал во договорот за прекин на огнот меѓу САД и хутистите. Јеменската бунтовничка група соопшти дека Израел, близок американски сојузник, не е дел од договорот.
Проиранските хутисти ја презедоа одговорноста за нападот во петокот. Воениот портпарол на движењето, Јахја Сари, објави дека балистичка ракета била истрелана кон аеродромот „Бен Гурион“ во близина на Тел Авив, кој беше цел на ракетен напад и минатата седмица, на која Изреал одговори со бомбардирање цели во Јемен.
Медиумите известуваат дека истовремено се огласиле сирените за воздушна тревога во градовите и местата низ централен Израел.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац предупреди дека Израел ќе одговори силно на нападот и ќе направи „што е потребно“, нарекувајќи ги ракетите на хутистите „ирански“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот објави дека САД ќе престанат со бомбардирањето на Јемен бидејќи хутистите се согласиле да престанат со нападите врз американските бродови. Меѓутоа, тие како и што најавија, продолжуваат да го напаѓаат Израел со беспилотни летала и ракети, иако повеќето од нив се запрени од израелската противвоздушна одбрана.