
Стивeн Кевин „Стив“ Бенон, поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп од крајната десница, изјави во петокот дека изборот на Лав XIV за новиот папа, е најлошата опција за католиците во САД и за движењето MAGA.
Бенон, конзервативен политички активист кој и самиот е католик, тврди дека изборот на Роберт Прево(ст), американски кардинал со две децении искуство во Перу, бил глас против неговиот поранешен шеф, сегашниот претседател на САД, пишува италијанската агенција Ansa.
„Тоа е најлошиот избор за католиците на MAGA“, рече Бенон, осврнувајќи се на акронимот за движењето Трамп обединето под слоганот „Да ја направиме Америка повторно голема“.
Поранешен советник на републиканците изјави дека назначувањето на Лав XIV е „гласот на глобалистите во рамките на Куријата против Трамп“.
Пред една седмица Бенон во разговор со британскиот водител Пирс Морган предвиде дека новиот поглавар на Католичката црква ќе биде 69-годишниот Прево(ст), роден во Чикаго во сојузната држава Илиноис, во семејство со француско-шпанско потекло.
Во тој разговор, тој го нарече „аутсајдер“ кого го туркаат оние што движењето MAGA ги нарекува „длабока држава“ или „длабока црква“.
Како кардинал, Превост го критикуваше потпретседателот ЏејДи Венс, за неговото толкување на христијанската љубов – прво кон семејството, потоа кон пријателите, а дури потоа кон странците, како што се мигрантите.
„ЏејДи. Венс греши: Исус не бара од нас да ја рангираме нашата љубов кон другите“, напиша новиот папа на 5 февруари на платформата X.
Американската крајнодесничарска инфлуенсерка Лаура Лумер, која влијае и на самиот Трамп според американските мејнсрим медиуми, го нарече новиот папа „вок“ и „марксист“.
„Тој е анти-Трамп, анти-MAGA, тој е вок застапник за отворени граници. Уверен марксист како и папата Франциско. Католиците не можат да очекуваат ништо добро: уште една марксистичка марионета во Ватикан“, напиша Лумер.