Далас со помалку од 2 отсто шанси дојде до првиот избор на драфтот

И покрај тоа што имаа само 1,8 отсто шанси да ја освојат лотаријата на НБА драфтот, Далас Маверикс го добија правото да изберат први на претстојниот НБА драфт, извлекувањето што се одржа во понеделник во Конгресниот центар „Меккормик плејс“ во Чикаго.

Првата рунда од драфтот ќе се одржи на 25 јуни, а втората рунда следниот ден во „Барклис Центарот“ во Бруклин.

Откако лотаријата за првиот избор беше воведена во 1985 година, само три клуба со помалку шанси од оние што ги имаше Далас оваа година успеаја да го добијат изборот „број 1“. Ова е првпат Маверикс да добијат на лотаријата.

„Пресреќен сум за навивачите на Маверикс“, рече извршниот директор на Далас, Рик Велтс, држејќи плико со голема единица на него. „Ова ќе биде нешто навистина посебно. Едвај чекам да се вратам во Далас“, додаде тој.

Далас речиси сигурно ќе го драфтува Купер Флег, крилен играч висок 190 см, кој го предводеше Дјук до Фајналфорот на НЦАА во неговата единствена колеџ сезона како бруцош и беше консензусен играч на годината.

„Не размислував премногу за тоа. Тоа не беше нешто на кое можев да влијаам“, рече Флег во телевизиско емитување на ESPN за тоа што ова би можело да значи за неговата непосредна иднина.

Флег имаше просек од 19,2 поени, 7,5 скока и 4,2 асистенции оваа сезона во Дјук. Тој имаше прецизност на шутевите од 48,1 отсто од полето и 38,5 отсто за тројка.

Правото на вториот избор им беше дадено на Сан Антонио Спарс, кои го имаа првиот избор на последните два драфта по ред и избраа двајца играчи кои подоцна ја освоија наградата за НБА дебитант на годината, Виктор Вембањама (2023) и Стефон Касл (2024). Спарс го добија и 14-тиот пик на претстојниот драфт, последниот за кој топчето беше извлечено од барабанот.

Филаделфија 76ерс го добија третиот избор, Шарлот Хорнетс ќе го изберат четвртиот, а Јута Џез ќе го изберат петтиот. Во првите десет се и Вашингтон Визардс (6), Њу Орлеанс Пеликанс (7), Бруклин Нетс (8), Торонто Репторс (9) и Хјустон Рокетс (10).

Резултати од лотаријата за драфтот на НБА за 2025 година:
1. Далас
2. Сан Антонио
3. Филаделфија
4. Шарлот
5. Јута
6. Вашингтон
7. Њу Орлеанс
8. Бруклин
9. Торонто
10. Хјустон
11. Портланд
12. Чикаго
13. Атланта
14. Сан Антонио