Ѓоковиќ ја прекина соработката со Мареј во пресрет на Ролан Гарос

Енди Мареј повеќе не е тренер на Новак Ѓоковиќ, а разијдувањето се случи по шест месеци заедничка работа, во кои српскиот тенисер не успеа да освои ниту една титула, објави во вторник тимот на 37-годишниот Шкотланѓанец.

Ѓоковиќ и Мареј почнаа да соработуваат пред овогодинешниот турнир на Австралија, а на турнирот во Доха објавија дека нивната соработка ќе продолжи на неодредено време. Сепак, помалку од две седмици пред почетокот на вториот Гренд слем турнир во сезоната, кој ќе започне на 25 мај на црвената земјена подлога во Париз на Ролан Гарос, дојде до ненадеен прекин.

„Му благодарам на Новак за оваа неверојатна можност да работиме заедно и на тимот за целата нивна напорна работа во изминатите шест месеци. Му посакувам на Новак сѐ најдобро до крајот на сезоната“, рече Мареј во соопштението.

„Навистина уживав во продлабочувањето на нашето пријателство“, возврати Ѓоковиќ, кој го победи Мареј 25 пати во нивните 36 дуели за време на нивното долгогодишно соперништво на теренот.

Партнерството меѓу Мареј и Ѓоковиќ започна ветувачки, бидејќи 24-кратниот освојувач на Гренд слем турнири стигна до полуфиналето во Мелбурн, но потоа беше принуден да го предаде мечот од Александер Зверев поради повреда. Во март, српскиот тенисер стигна до финалето на турнирот АТП Мастерс 1000 во Мајами, но остана без 100-та титула во кариерата од младиот чешки тенисер Јакуб Меншик.

Сепак, по пристигнувањето на земјените терени, Ѓоковиќ загуби во своите први настапи на турнирите Мастерс 1000 во Монте Карло и Мадрид, каде што беше поразен од Чилеанецот Алехандро Табило и Италијанецот Матео Арналди. Тој се повлече од Мастерсот во Рим во пресрет на турнирот без да наведе причина за својата одлука, а следната седмица треба повторно да игра на АТП 250 турнирот во Женева, каде што прифати покана за главниот жреб.

Ѓоковиќ сè уште е во потера по својата стота титула, што би му овозможило да влезе во „клубот на 100“, во кој моментално се само Џими Конорс и Роџер Федерер, а на Ролан Гарос, каде што го исполни својот сон за освојување на златниот олимписки медал минатата година, ќе се обиде да стигне до рекорден 25-ти трофеј од Гренд слем.