Премногу мрсно и слатко негативно влијаат на мозокот

Консумирањето прекумерни количества масна и слатка храна не само што го зголемува обемот на половината и стомакот, туку негативно влијае и на когнитивните способности и вештините за просторна навигација, кои, како што покажаа истражувањата, се намалуваат со внесувањето нездрава храна.

Научниците од Универзитетот во Сиднеј спроведоа „прво истражување во светот“ врз основа на тестови во кои учествувале студенти и откриле дека храната богата со масти и шеќер има „штетен ефект врз некои аспекти на когнитивната функција“, особено просторната свест и вештините за просторна ориентација.

„Младите возрасни лица кои често консумирале храна богата со масти и шеќер имале послабо памтење на локацијата на ковчегот со богатство во виртуелен лавиринт“, се резултатите од истражувањето објавено од научниците во стручното списание The International Journal of Obesity.

Тие укажуваат на „негативен ефект“ од консумирањето брза храна врз „учењето и меморијата поврзани со просторното опкружување“, а воедно потврдуваат и она што веќе го знаеме – „важноста на донесување здрави избори во исхраната кога станува збор за когнитивното здравје“.

Претходните истражувања покажаа дека консумирањето премногу масти и шеќер не само што придонесува за развој на дијабетес, дебелина и срцеви заболувања, туку е „поврзано и со побрзи стапки на когнитивен пад што се доведува во врска со стареењето кај средовечните и на лицата во постара возраст“, ​​се вели во објавениот труд.

Иако австралиските истражувачи откриле дека младите луѓе не се ослободени од негативните ефекти од консумирањето преработена и нездрава храна, добрата вест е дека нивниот мозок веројатно не е засегнат како целина, туку само хипокампусот – делот од мозокот кој управува со способноста за паметење и помага во снаоѓањето во просторот.

Еден од научниците кои работеле на студијата, Доминик Тран, истакнува дека добрата вест е дека „промените во исхраната можат да го подобрат здравјето на хипокампусот, а со тоа и нашата способност да се движиме низ нашата околина, како на пример кога истражуваме нов град или насојуваме да запаметиме нов пат до дома“.