
Собранието денеска на конференцијата „Трансформирање на иднината: Дигитална стратегија за современ парламент“ ќе претстави две нови дигитални алатки prashaj.sobranie.mk и kancelarii.sobranie.mk. Првата алатка има за цел да ја направи работата на Собранието попристапна, потранспарентна и поблиска до граѓаните. Таа има автоматска транскрипција, асистент со вештачка интелигенција (ВИ) што разбира и комуницира на македонски јазик, а за два месеца ќе комуницира и на другите јазици, и значително го намалува времето да се стигне до одредена информација за седниците на Собранието. Втората алатка е за електронско закажување средба со пратеник во пратеничките канцеларии низ целата држава.
Како што информира претседателот на Собранието Африм Гаши на денешната средба со новинарите, првата алатка е победник на настанот Хакатон, организиран лани од Собранието во периодот од 30 октомври до 1 ноември во соработка со НБИ и Швајцарската амбасада.
-Тоа беше настан од кој ние очекувавме да најдеме дигитални решенија за проблемите кои ги има Собранието. На тој настан избравме два софтвера кои одлучивме да ги реализираме и да ги развиеме во веб-платформи кои беа развиени пред две недели. Дадовме време Собранието да ги имплементира и денеска подетално ќе ги презентираме на конференцијата, рече Гаши.
Изработувачот на првата платформа Давид Петковски од Брејнстер некст колеџ рече дека инспирација да ја направат алатката им било тоа што помладата популација не ги следи преносите на седниците на Собранието заради нивното времетраење со часови.
-Ако некој сака да дознае некоја информација треба да сели видео од два или три часа што не е реално за очекување дека тоа ќе го направи некој граѓанин. Информациите треба да бидат достапни, но тие беа скриени во долг формат кој што бара многу време и многу трпение. Нашето решение го решава тоа на брз и ефикасен начин со тоа што корисникот го зема јутјуб линкот од преносот на седницата на Собрание и го дава на нашата алатка при што тоа се обработува за на крајот на корисникот да му се сервира интелигентен ВИ асистент кого ќе може да го прашува за било што поврзано со седницата како прашања дали некој закон бил изгласан на седницата, дали се разговарало за одредена тема, што кажал некој пратеник,…, појасни Петковски.
Нагласи дека со оваа алатка Собранието ќе добие нов начин да комуницира со јавноста кој е отворен, модерен и прилагоден за денешните потреби.
Нада Димитриевска од Центарот за управување со промени, дел од партнерските организации кои работат во Програмата за парламентарна поддршка од кои дел е поддршката и на Канцелариите за контакт со граѓаните што ги има низ целата држава ја претстави втората алатка.
-Оваа веб-платформа им овозможува на граѓаните полесно да пристапат до канцелариите што се наоѓаат во нивните градови и до пратениците од нивните изборни единици кои ги преставуваат во Собранието. Таа е интерактивна мапа преку која може да се најде најблиската канцеларија на пратеник и електронски да закажете средба со пратениците. Има и статистички приказ за средбите кои пратениците ги остваруваат со граѓаните во своите изборни единици, посочи Димитриевска.