Различни изведби на индексите на Волстрит

На Волстрит индексите Dow Jones и S&P 500 пораснаа во четвртокот, додека Nasdaq малку падна, а тргувањето беше претпазливо бидејќи немаше значајни вести што би можеле да го насочат пазарот.

Индексот Dow Jones порасна за 0,65 отсто на 42.322 поени, а S&P 500 доби 0,41 процент на 5.916 поени. Индексот Nasdaq, од друга страна, падна за 0,18 отсто, на 19.112 поени.

По силниот пораст на цените на акциите на почетокот од седмицата, благодарение на договорот меѓу САД и Кина за привремено намалување на царините, тргувањето последните денови беше претпазливо.

По вчерашниот раст, S&P 500 е само 4 отсто подалеку од рекордното ниво, достигнато во февруари. Ова значи дека ги надомести сите загуби од почетокот на април, кога американскиот претседател Доналд Трамп ги потресе пазарите со воведување реципрочни царини.

Порастот на пазарот во последните седмици во голема мера се должи на надежите на инвеститорите дека сегашните тарифи ќе бидат намалени и дека Вашингтон ќе постигне поволни договори со своите најголеми трговски партнери.

„Инвеститорите очекуваат зделки и затоа цените на акциите ги надоместија загубите. Јас би ја нарекол оваа фаза ‘чекање договор’“, вели Денис Дик, трговец во компанијата „Triple D Trading“.

Сепак, иако се очекува сегашните царини да бидат намалени, јасно е дека некои ќе останат, а тоа би можело да предизвика зголемување на инфлацијата.

Вчера, најголемиот американски малопродажен синџир „Walmart“ предупреди дека ќе почне да ги зголемува цените овој месец поради царините. Покрај тоа, во кварталниот деловен извештај, не објави проценки за натамошното работење, со што се придружи на многу компании кои се откажаа од објавување проценки поради неизвесност околу царината.

„Сè уште чекаме инфлацијата да се зголеми. Сè уште не е таму, но сè уште чекаме“, вели Џон Августин, директор во „Huntington National Bank“.

Во осум од 11-те најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите пораснаа вчера, а највисоко во секторите за услуги и потрошувачка, за околу 2 отсто.