ГАЛЕРИЈА| „Марш на ангелите“ во Кочани: Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите!

Со болка на лицата и високо кренати пароли со пораки како: „Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, „Системот убива – институциите молчат“, „Нема трагедија има злосторство“, во Кочани попладнево се одржа шестиот по ред „Марш на ангелите“ – хуманитарен настан посветен на сеќавањето на 62 млади лица кои загинаа во трагичниот пожар што се случи во дискотеката „Пулс“. Маршот почна во 16.05 од градскиот парк во Кочани, а продолжи кон трговскиот центар, потоа кон општина Кочани, МВР Кочани и Основниот суд.

Граѓани, роднини, пријатели и поддржувачи од целата земја се приклучија на маршот. Средствата собрани од настанот се наменети за финансиска помош на семејствата погодени од несреќата.

Како дел од хуманитарниот настан имаше и трка на келнери организирана од кафулето „Кокоа либре“, во чест на шест келнери кои трагично го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

Во својот емотивен говор пред почетокот на трката, организаторот Јане Гицев пред родителите на починатите деца рече дека кочанчани вечно ќе го носат споменот, на како што рече, хероите што ја оставија душата меѓу масите.

-Денес нема да гледаме само трка, ќе гледаме сила, вистинска човечка сила, што не се мери со време, туку со срце. Трката ќе биде поинаква, ова нема да биде натпревар, ова ќе биде гест на чест, почит и хуманост. Се собравме денес, не само да трчаме, туку да се поклониме на нашите сограѓани, на нашите колеги, на нашите херои. За нашите келнери кои ги загубија животите или беа повредени во трагедијата. Луѓе кои работеа со насмевка, со брзина, со пожртвуваност и кога дојде најтешкото беа таму до крај. Со оваа трка симболично трачме за нив, го носиме нивното сеќавање со секој чекор, го носиме нивното достоинство во секој аплауз што ќе го добијат нашите колеги-натпреварувачи. Ја делиме истата болка со нивните родители, со нивните браќа и сестри, партнери и пријатели. Нивната загуба е и наша загуба. Нивната тишина е наше заедничко ехо на сите! Денеска ќе покажеме дека заедницата има срце, дека келнерството не е само професија, туку мисија исполнета со луѓе кои даваат се од себе, секој ден, кога тие се повредени и изгубени, ние не молчиме, ние стоиме заедно со сите родители и со сите пријатели, рече Гицев.

Трката почна и заврши со многу емоции како од натпреварувачите така и од  граѓаните кои ја следеа покрај кејот на Кочанска Река. На целта во Паркот на револуцијата беа доделени скромни награди на победниците.

Трката на келнери имаше хуманитарен карактер и се планира да стане традиционална. Собраните средства ќе бидат донирани за настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“, соопштија организаторите.