
Оскаровецот Џорџ Клуни искрено верува дека делови од фризот на Партенон што датираат меѓу 447 и 438 година п.н.е. ќе бидат вратени во Грција, додавајќи во едно интервју дека нивното враќање е „семејно“ прашање за него и неговата сопруга, адвокатка Амал Клуни којашто работи на случајот.
„Ќе бидат вратени, знам дека ќе бидат“, рече Клуни во интервју за грчкиот весник Ta Nea, објавено во саботата.
Атина со децении бара враќање на своите скулптури од Британскиот музеј. Меѓу нив се и фризовите од Партенон, кои во 1802 година, со дозвола на Отоманската империја, под чија власт во тоа време била грчката територија, биле однесени во Лондон од страна на британскиот дипломат во Империјата, лорд Елгин, и продадени на Британскиот музеј, каде што се изложени денес.
Но, Лондон тврди дека лорд Елгин „легално ги стекнал“ скапоцените фризови долги 75 метри, а потоа ги продал на Британскиот музеј. Во согласност со британскиот закон од 1963 година, на музејот му е забрането да ги враќа фризовите.
Сопругата на Клуни, адвокатката за човекови права Амал Аламудин Клуни, советува повеќе грчки влади за поднесување случаи пред меѓународни судови од 2011 година.
„Јас и сопругата сме посветени на ова и ќе продолжиме да вршиме притисок сè додека не се реализира. Нема сомнение за тоа“, рече американскиот актер.
Актуелната влада на премиерот Киријакос Мицотакис ги засили напорите за враќање на мермерните фризови, одржувајќи неколку официјални и неофицијални состаноци со новата британска влада на Кит Стармер минатата есен.
Грчките власти бараат враќање на скулптурите од 1983 година, а кампањата за враќање ја започна актерката и подоцна министерка за култура Мелина Меркури.