Фетаи и Алиу на средба во амбасадата на САД

Вршителката  на должноста амбасадор Никол Варнес денеска во амбасадата на Соединетите држави во  Скопје ги пречека вицепремиерот Арбен Фетаи и поранешниот министер за јавна администрација Азир Алиу, беше објавено на фејсбук-профилот на амбасадата.

Во кусото известување се исткакнува дека на средбата била водена „продуктивна дискусија за континуираното партнерство за борба против корупцијата и промовирање на владеењето на правото и доброто управување“.

Посетата на Фетае и Алиу во американската амбасада доаѓа по турбуленциите во коалицијата Влен/Вреди, предизвикани од повлекувањето од владата на досегашниот министер за здравство Арбен Таравари, коешто го предводи едното крило на Алијанса за Албанците кое се уште судски го бара правото на партијата.

Арбен Фетаи, висок функционер на партијата  во неделата се огласи по неколкудневен молк и нагаѓања за неговата постапка по повлекувањето на неговиот сопартиец од владината коалиција. Во видео порака Фетаи порача дека, „како и пред една година кога храбро одлучиле да ги предводат промените, и денес ја имаат истата храброст“. Тој уверува дека патот на Алијансата за Албанците не води преку Али Ахмети, со што јасно даде на знаење дека останува во владиното мнозинство, како неговите сопартијци од пратеничката група на АА.

За поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, пак, се шпекулира дека би можел повторно да стане министер, објави во неделата телевизијата ТВ21.

По излегувањето на Арбен Таравари од коалицијата Влен/Вреди и од Владата, Алиу, кој заедно со Арбен Фетаи и неколку други функционери од АА на Таравари беа во посета кај косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, најави дека ќе продолжи со политичкиот ангажман во рамки на Вреди.

Извори на ТВ21 информираат дека Алиу е потенцијален кандидат за министер во владата. Извори од Вреди велат дека името на Азир Алиу се разгледува како предлог за министер, но не прецизираат дали тој ќе раководи со Министерството за здравство или ќе има размена на ресори во рамки на коалицијата.